Skip to content

Август – Ацо Шопов

Денес избравме да се потсетиме на една од најубавите песни на великанот Ацо Шопов. Во прилог прочитајте ги стиховите именувани „Август“.

Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее
со цвет од пепел на згасната гроза.
Од челото како од црница набабрува и ми зрее
од гроздови ѕвездената лоза.

Лежам во ноќта на август за земја прикован со теме.
Дали ќе додржат, дали ќе ме запрат
овие неуморни воини од билје и семе,
од треви, корени и папрат.

Лежи и чекај тука. Неподвижен, карпосан лежи,
што ако ноќта те пие, што ако ветар те шиба.
Рибарите на твојот поглед плетат невидливи мрежи,
во бездната на твоето чекање сонува златна риба.

Лежам и знам, август е и сè се мени.
Златните зрна на гроздот ко едри зеници гаснат.
Темното полноќно сонце патува кон својот зенит.
А јас останувам заробен во треви и со папрат сраснат.

Напишете коментар