Skip to content

Добитник на наградата „Антево слово“ 2021/ 2022 е Ива Дамјановски

Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година. Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

Наградени автори на „Антево слово“ 2021/ 2022 – Сицилија, Италија

I награда
Ива Дамјановски – Мојата песна се фрла од мостот

II награда
Елизабета Бандиловска – Солзите на светот;
Михајло Костадиновски – Младост за перење;

III награда
Љубинка Донева – Птиците и гробиштата
Димче Шипинкаровски – Прочка

Награда за млад автор:
Мелани Иванова – Порака за мир

Годинешниот мал јубилеј ни претставува особена чест затоа што македонската поезија е дел од оваа значајна Меѓународна поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

За победничката песна од жирото – соопштување

Мисла-песна, песна-мисла, поврзаноста градиво за нови светови, темел за нова јасност. Потребата за мир не е е надреална желба, андроидното живеење е веќе реалност, но да знаеш да ја пренесеш низ поетски глас симболиката на интимните вивнувања и падови преку личните дискурси на перцепција со автентичност и скриена поетичност и мелодика е нешто што ги отвора портите на стиховерзумот на новите поколенија.

Според Атина Цветаноска, член на жири-комисијата на „Антево слово“, експресивната мисла на Ива Дамјановски е луцидно покажана во нејзината песна „Мојата песна се фрла од мостот“.

„Нејзината песна е жив организам кој битиствува во реалноста која ја опкружува и се стопува во живиот и неживиот свет. За неа стиховите се органско продолжение на нејзината суштина и се истовремено и орудие и екпресија и израз на внатрешен животен порив. Стиховите се иновативни, современи и во исто време едноставни што прави оваа песна да се чита лесно, но и да побуди прашања и размислувања за есенцијата на животот“, вели Цветаноска.

Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.

Мојата песна се фрла од мостот – Ива Дамјановски

Наутро
мојата песна ја убива смислата.
Со нејзината крв
ја бојам карпата црвено
и ја измислувам слободата.
Мојата песна се фрла од мостот,
и изјавува љубов на водата,
патува кон катодата
и склопува брак помеѓу машината
и природата.
Мојата песна одлучува
дали лета или паѓа
а, јас се раѓам
од нивната дива љубов,
јас сум она што се случува,
го создавам сопствениот лик
низ стакло, темно,
кое не е свето, ниту земно,
моето вечно е истовремено
небесно и подземно,
јас не сум меѓу нас,
ниту меѓу нив,
мојот мир е експлозив
мојот гнев е беззаб
чекорам на работ на свет
кој нема раб,
одам по жица,
мојата жар-птица
е бессона,
бесмртна.
ноќна,
немоќна,
мојата песна е семоќна.

Лауреат за Антево слово 2020/2021 година беше Иван Антоновски со песната „Нека биде запишано“.

Напишете коментар