Skip to content

Мажите се плашат од жени кои знаат што сакаат од животот

Жените кои ја користеле својата глава за да одлучат што сакаат да прават со себеси, генерално, биле проблем од настанувањето на човештвото, а на Балканот се проблем до ден денес. Низ историјата биле прогласувани за вештици и спалувани на клади. Oдземено им било правото да донесуваат одлуки, да учествуваат во водењето на државите, да гласаат, па и да одлучат што ќе прават со себеси. Дури и таа одлука им припаѓала на мажите во најтесното семејство, дедото, таткото или братот. Денес, жените се погласни од било кога. Но дали се доволно гласни? И дали се слушаат вистинските гласови или гласовите на оние со добро напрчен задник?

Како жена, комуникацијата со други жени секогаш ми била потешка од со мажи. Тоа се гледа и по моите пријатели. Имам многу повеќе машки другари од женски и можам да кажам дека мажите, за разлика од жените, се многу поискрени и никогаш нема да ти речат „Душооо!“, ако не мислат така. Од друга страна, тешко ми било да се разберам со жените, особено со оние жени кои мислат дека имаат право да ми кажат каков нареден чекор треба да направам во животот.

Не сум ги разбирала жените што мислат дека после завршување на образованието, жената треба да престане да се надградува себеси и мора да се посвети на некој маж и да оформи семејство. Не ги разбирам ниту жените што ми велат дека жените се лоши возачи. Не ги разбирам жените што мора да се посветат некому, а при тоа забораваат дека тоа можат да бидат и самите тие. Ама знаете што најмногу не разбирам? Гниди од мажи!

Ќе си дадам слобода да ги наречам лигави манипулатори. Таквите мажи ќе ти го зборуваат она што сакаш да го слушнеш. Квалитетна глиста ќе стават на мамката што ќе ја фрлат оти знаат дека инаку нема да се фатиш. Гнидите зборуваат дека сакаат силни жени со карактер. Дека до нив допира само онаа жена под чии нозе тлото се тресе. Велат дека не сакаат спонзоруши, ниту девојки што ги покажуваат голите облини по социјалните мрежи. По некое време ќе сфатиш дека единствено на такви паѓаат.

Ќе ти симнуваат ѕвезди и ќе велат дека сакаат некоја што ќе им даде стабилност, некоја со која што ќе си имаат муабет и ќе се смеат. Ама и некоја што ќе може да ги издржи сите маки што ги носи животот, оти за ниту еден од нас животот не е мед и млеко. Жените паѓаат на зборови. Ама се исправаат кога ќе ги видат делата. Некое време ќе го слушаш што ти зборува и ќе си речеш „Океј, ова е тоа.“ Ќе го седнеш пред себе и точно ќе му кажеш што очекуваш од нештото. Ќе му кажеш дека не сакаш да го кријаш и дека навистина сакаш да споделувате сè што ќе ви донесе времето.

Е тогаш ќе видиш како алфа мажјакот ја витка опашката, си ја наведнува главата и кротко чекори назад. Мажите се плашат од жени кои знаат што сакаат од животот. Сите до еден. Не знаат да се носат со нив. Не знаат да стојат до нив. Не знаат да ја покажат својата партнерка и со гордост да кажат дека нивниот плен е за нијанса подобар или посилен од нив. Или постојано им се умилкуваат и им угодуваат или бегаат кога сфаќаат дека дури и квалитетната глиста е изџвакана и голтната, а мамката виси некаде низ морето.

Мажите не сакаат до себе жена на која не можат да ѝ кажат што да прави со себе. Во генетскиот код им е запишано да бидат ловци, но низ кодот на сите жени не пишува дека ќе бидат уловени. На таквите жени им треба партнер кој ќе ги прифати и ќе им дозволи некогаш да бидат слаби.

Напишете коментар