Skip to content

На поетот македонски – Александар С. Трајковски

Во стихот е спасението,
кога претпочиташ повеќе да молчиш.
Му се расплетува енигмата во редови,
на листови бели, хартиени,
како конецот на вретеното,
или некоја мистичност,
која не завршува со разгатка,
и не секогаш има нужна потреба,
светот да ја разбере.
Ја употребува силата Божја,
и на нештата им дава крилја поетски.
Свечената критиката негова за почит,
често знае и да му залута,
во зоната на интимата,
да му ровари во скровиштето и мресталиштето
од изрази софистицирани,
како неписменост збунета,
меѓу редовите со рима.
Во собата со многу врати,
со умно наредени огледалата,
со отсјај на лицето негово,
не секогаш го пронаоѓа излезот и клучот,
но може во секое време,
боговите да ги соблече до кожа гола,
и егото и тронот
да им го згмече од главата шуплива.
Не секој ќе ја открие тајната негова,
некогаш е појасна ако се прочита на јазик туѓ.
Под мотото мистично поетско,
на преобразби на мислите,
стихот псалмски на поезијата,
го игра секој чекор за секоја мисла поединечно,
дисциплинирано и без грешка.
Некогаш пак е појасно да се прочита,
од назад кон напред.
Како танго аргентинско
или танц реторички,
колку повеќе е разигран,
толку е поарогантен и посуетен.
Кога множеството нехармонично се нишка,
зловолно се создава шум на живост,
кој животот вдахнат со перото поетско,
полека бледнее до тотален молк.
Плете и венци лаворови,
и ги метафоризира,
во евокациите поетски,
со портрети егзистенцијални,
зашто многу добро знае дека
поезијата е бесмртна.

(Извадок од наградуваната збирка поезија „Лирски елегии”)

Напишете коментар