Skip to content

Стари пријатели – А. Лефкоска

Имавме по дваесет и нешто години кога жицата се скина и сѐ она што вриеше измеѓу едноставно прекина.
Слави, родендени, слични кругови…Се среќававме во наредните три месеци, после и тоа испари. Секој на своја страна, во свој свет и галаксија. Триесет и нешто, четириесет и нешто… Изминаа ко кругчиња направени од чад од цигара.
На педесет и нешто се сретнавме во темната кафана, таа на крајот од светот, таму кај што одат, кога животот ќе ги одмине, таквите ко нас. Седнати во ќошето на масата со кариран чаршав и изгореници, побелени и помалку здебелени – стари пријатели, молчиме, се гледаме. Мислиш дека ме знаеш, мислам дека те знам, во далечината некаде заплакува виолината. Имаш брчки околу очите, линии на усните, сакам да прашам дали отиде таму за кај што отсекогаш сонуваше, ама молчам. Ако прашам едно, ќе потегне друго, друго, па трето, а немаме веќе толку години за тишина, немаме ни сила.
Ми почнуваш ‘Ти текнува…?’, и на многу работи ми текнува; како уморно си го масираше лицето додека се смееше, како го пиеше кафето горко, како си ги меркаше стриите на стомакот пред огледалото, како очите ти светкаа кога ќе се зазборев и како болеше кога наеднаш секна и замолче. ‘Ми текнува’, ти викам, а на што, не довршуваш, ниту па довршувам. Знаеш дека ми текнува на животот минат, на сѐ што можеше, а не бидна. На сите твои возови извозени, солзи и потраги. Знаеш дека ми текнува на муабети до 6 сабајле и тие емоции што пробуваше да си ги убиеш внатре.
И триесет и нешто години изминаа, еве сме…Си мислиш дека ме знаеш, си мислам дека те знам, а уствари само се сеќавам на лакот на грбот извиен на чаршафи бели и свилени пред многу години, на тивките воздишки и зборови…
Те гледам, молчиш, а уствари се прашуваш и голткаш: Децении покасно, што ќе бевме сега, ако не бевме „Стари пријатели”, тогаш?

Прочитајте го и расказот „Девојчето што се расплака пред да ти рече ‘Те сакам’ “.

Напишете коментар