Skip to content

Никола Маџиров – Далеку

Тука светот се отвора
пред раширените нозе
на проститутките.
Тука верниците
не веруваат во сопствената свеќа
и свештениците немаат
кому да му се исповедаат.
Тука наркоманите се
почисти од дрогата
(мудростите се ставаат во загради)
и просјакот ја продава честа
поскапо од милостината.
Тука не се остваруваат пророштвата
на собните пајаци,
стапките се граничат со граници,
вратите се отвораат
во должина на синџирот
и правот не ја напаѓа глупоста.
Тука сенките на водачите
се постари од сонцето,
бомбите се полни
со месечеви пејзажи,
последните мостови се виножита
и цвеќарите сè уште
крадат од гробовите.

Тука е она таму
каде историјата
никогаш не станува историја

(таму сме ние
послушно стуткани во телевизорот)

Напишете коментар