Skip to content

Цунами – Катица Ќулавкова

Остана само она кое не се дели понатаму –
елементарното, божјиот ќар.
Сé друго отиде за џабе.
Бесценета земја во замена за
голо преживување.

Сега имаме идеални услови за нови
конверзии. Ги поместивме границите
на стварноста, поместувајќи ги
границите на умот.

Сега страдаме од колективна
несоница – долга како робија
осетлива како жива реч
како ерогена зона.

Секоја ноќ си имаме работа со
арогантниот дилер на несреќата.
Кај ќе заоѓа Сонцето над Македонија
никој повеќе не може да каже.

Сé што градиме дење, ноќе го рушат.
Така со векови, мигриравме под земја
во други народи
и други јазици.

Никој не знае да објасни зошто
и понатаму нѐ има овде –
кога со едната нога сме
од онаа страна.

Митско минато, митска сегашност!

Напишете коментар