Skip to content

Песна на денот: „Молитва. Да појдеш ноќе в шума” од Блаже Конески

Вечерва титулата „Песна на денот“ ја носи песната „Молитва. Да појдеш ноќе в шума“ од великанот Блаже Конески. Песната има вкупно четири строфи низ кои Конески ја опишува убавината на шумата, мирисите во неа и природата што лекува. Што претставува шумата ноќе за Конески и за што е таа лек, прочитајте подолу.

Да појдеш ноќе в шума
Од сите утајум тајно,
На тиха полноќ да втасаш
До едно место знајно.

Ставити трепетни борје
До небо таму се вишат,
Тревите околу бујно
Опоен омав дишат.

Нема да истрпи веќе
Срце што лудува силно,
Со викум ти ќе се фрлиш
На земи дивно и вилно.

Земјо, радост ѝ треба
На една младешка снага.
Лекуј ме, лекуј ме, земјо,
Од немир темен и тага!

Напишете коментар