Skip to content

Земјата е тркалезна – Милчо Мисоски

На Франсис Комб

Земјата е тркалезна
а зошто да не е
тоа воопшто не и пречи.

Земјата е тркалезна
го знаат тоа сите
но некои не се согласуваат и просто не веруваат,
и се разбира од завист
посакуваат таа да биде обична плоча.

Земјата е тркалезна
но некои забораваат дека како деца чекореле по неа.

Земјата е топка
безобразно и безобзирно тркалезна
и само поради тоа, замислете само поради тоа
луѓето не ја разбираат, не ја сакаат и не ја почитуваат.

На мое задоволство
Земјата останува
тркалезна
трае тоа, завртување без свртување,
постојано и постојано како судбина
свесност без поглед зад себе
засолнето саможртвие на вечниот миг
мал подарок што ја крие вистината непрепознаена.

Песочни капки (2017)

Напишете коментар