Skip to content

Химна на убавината – Шарл Бодлер

Песната Химна на убавината е дел од стихозбирката Цвеќиња на злото од францускиот поет Шарл Бодлер. Во неа тој ја претставува убавината како мистерија, и ја опишува како склоп на доброто и злото. Тоа го прави со помош на многу антитези и оксиморони кои се присутни низ целата песна.

Убавината има сатански карактер, таа е сензуална жена која има моќ да го трансформира поетот затоа што нејзините бакнежи се филтри (магични напивки).

Химна на убавината

Слегуваш ли од небо, доаѓаш ли од пекол

Убавино? Твојот поглед, ту полн божја синост

ту адски мрак, зло и добрина точи. Би рекол,

затоа, дека имаш ред сличности со вино.

 

Во твоето око и залез и зора бдее,

мириси шириш како вечер пред дождод летен

ти пијалок низ бакнежи од устата лееш

што страшло од херој прават, а јунак од дете.

 

Доаѓаш ли од ѕвезди или од бездна црна?

Судбата небаре куче, в нозе ти се метка,

на радост и несреќа ти слепо сееш зрна

со се владееш, но никому не даваш сметка.

 

Ти газиш врз мртвите а се подбиваш со нив

меѓу накитот твој ужасот е како дома,

а убиството, заедно со украсот ѕвонлив

танцува вљубено врз твојот горделив стомак.

 

Пеперуга кон тебе како кон свеќа лета,

вели: „Божествен пламен!“ додека тој ја пали.

Вљубениот се ведне врз саканата клета

и како смртно болен е гробот што го гали.

 

Убавино – ѕверу голем, чудовишен, гнасен,

од небо, од пекол – сеедно од каде идеш –

ми го отвораш со очите, со твојот насмев,

Бескрајот мој сакан, Бескрајот никогаш виден!

 

Од Ангел или од Ѓавол, сеедно од која

страна ти идеш – бидејќи со погледот светол,

со ритмот, мирисот, го правиш кралице моја

времето помалку тешко, помалку грд светот!

Напишете коментар