Skip to content

Летен ден – Маја Малиновска

Помина уште еден ден жолт како Сонце, црвен како Месечина

Се искачи во небесна височина

Некаде во празнина, во простор, во однесен немир, во бесконечни милувања на езерскиот ветер

Само ме помилува во косава и ја ожолти патеката по која газев, ја освежи квечерината пред да се појави зајдисонцето.

Не ме напуштај,

Остани тука барем уште еден миг се искажа Ноќта, црна како самрак, бела како светлина

Немој да ги населуваш височините, остани во падините на надежта.

Смилувај се, немој да снеможуваш, да се предаваш на мојата темна прегратка, биди храбар

Ќе израснам со новото Сонце изутрина, се обрати Денот, за некои ќе бидам жолт како заборав, за некои црвен како страст, вечен за оние кои знаат да љубат, уживаат во постоењето, во вечноста.

Ох, но не може да те дофатам, да те видам, да добијам трошка надеж дека ќе станам светла како тебе, дека ќе донесам светлина и живот секаде каде ќе проникнам да донесам живот,

Не се очајувај, ти си кралица на мирот, носиш мир после светлина, сон после будност, спокој после немир.

Тогаш, се смири немирот, настапи ноќта, дојде сонот кој донесе уште еден убав долг летен Ден.

Напишете коментар