Skip to content

Три песни од годинешниот лауреат на „Струшки вечери на поезијата“ Шунтаро Таникава

  • by

Шунтаро Таникава е роден во Токио во 1931 година како единствениот син на филозофот Тецузо Таникава. Започнал со пишување поезија кога имал 17 години, а неговите први песни биле објавени во престижно книжевно списание во 1950 година. Неговата дебитантска збирка „Две милијарди светлосни години самотија“ во 1952 година ги запрепастила неговите поетски врсници и книжевни критичари како нешто со кое се сретнуваат за првпат и со тоа се втемелува како нова одредница на јапонската поетика по Втората светска војна.

Шунтаро е добитник на книжевната награда „Јомиури“ во 1983 година, наградата за модерна поезија „Ханацубаки“ во 1985 година, наградата „Такаши Саида“ во 1987 година, книжевната награда „Шогакукан“ во 1988 година, меѓународната награда во САД: „American Book Award“ во 1989 година, меморијалната награда за модерна поезија „Јутака Марујама“ во 1991 година, првата „Сакутаро Хагивара“ награда во 1993 година, наградата „Асахи“ во 1996 година, наградата на фондацијата „Сасакава“ во 1998 година, наградата за детска култура „ЕНЕОС“ во 2000 година, книжевната награда „Динг Џун“. Во Кина во 2005 година, ја добил наградата за уметност „Маиничи“ во 2006 година, наградата на „Монголското здружение на писатели“ во 2008 година, првата „Нобуо Ајукава“ награда во 2010 година, меѓународната поетска награда „Жонгкун“ во 2011 година.

Наградата „Тацуџи Мијоши“ ја добил во 2016 година, наградата на фондацијата „Јапонија“ во 2019 година и многу други. Исто така, тој е добитник на награда од „Јапонските музички награди“ во 1962 година за стиховите од песната „Песна за понеделник, вторник, среда, четврток, петок, сабота и недела“.

Излет на земјата

Ајде да скокаме јаже овде, ти и јас. Баш овде!
Ајде да ручаме овде, ти и јас.
Овде ќе те сакам.
Очите ќе ти го одразат небесното синило,
а грбот ќе ти се обои со боја на див пелин.
Ајде да ги научиме, ти и јас, имињата на соѕвездијата.
Овде да сонуваме за сите далечни нешта.
Овде да собираме школки.
И една мала морска ѕвезда
од морето што обзорува.
На појадок да ја фрлиме назад
и да ја оставиме ноќта да си оди.
Овде сал ќе повторувам, ‘Дома сум!’
дури ти ми велиш, ‘Добре дојде!’
Пак и пак ќе се враќам овде.
Овде да се напиеме топол чај.
Овде да си поседиме, ти и јас, за малку да нѐ погали
ладното ветре.

Цвет

Латиците се студени и влажни на допир.
Небаре од нив извираат бои.
Однатре, цветот е налик на длабока долина.
Влакненца му растат во средиштето.
Изгледа небаре следниот миг
ќе каже нешто чудно.
Никогаш не сум знаела што да правам со цветот
кога го гледам.
Го гризам. Има малку киселаст вкус
и не ми дава никаква идеја.
Учителот ме тера да ги учам имињата на цвеќињата,
но јас не сакам.
Застаната овде сред полето
ми е сосема доволно.
Ме чешка кожата на босите петици.
Сонцето се кренало во висина на моето чело.
Ме исполнува звукот, мирисот и вкусот на воздухот.
Мора ли човек нешто постојано да прави?
Цвеќињата само си цветаат
И така всушност живеат.

Лага

Знам дека ќе излажам.
Мајка ми ми рече да не лажам
но тоа ми го рече
оти и таа кажувала лаги,
па знае дека боли кога лажеш.
Дури и кога лажам
намерата ми е чесна.
Има нешта што се кажуваат само со лаги.
Да можат да зборат мислам
и кучињата ќе лажат.
Ако ме фатат во лага
ќе се извинам,
а ако едно извинување е доволно тогаш
воопшто не би кажала лага.
Иако никој не знае оти лажам, јас си знам,
та затоа ќе живеам во лаги.
Секогаш кон вистината ќе се стремам
и ќе продолжам да лажам
сè дури не ми дојде преку глава од лаги.

Превод: Зоран Анчевски

Прочитајте ја и Шунтаро Таникава – Партали

Извор

Напишете коментар