‘’Погледај ме во очи, за да ја разбереш мојата болка.”
Ако сакаш да знаеш како се чувствувам моментално, само ѕирни ми подлабоко во нив и ќе се задлабочиш во длабочината на мојата душа.
Ќе ти кажат многу, но во исто време и ништо, прозорци на душата кои кријат многу спомени. Видици на светот, без нив си празен како неиспишана книга, а со нив се чувствуваш моќен чиниш цел свет е твој!
Плави, зелени, кафеави или црни го красат сечие лице, а секој е препознатлив и уникаен единствено по своите. “Никој нема очи како неа”– рече заљубениот Х кој беше се заљубил во нејзиниот поглед.
”Ми се чини дека кога ќе и го видам лицето, погледот ми застанува во нејзините небесно-сини очи кои кријат цели светови.” –Х му раскажуваше на својот брат.
“Доволен ни е само поглед, за да се разбереме што е следно”– рече заљубениот пар среќно раскажувајќи ја нивната приказна.
“Се заљубив во неговиот поглед” – реченица која можеш да ја слушнеш од секоја петта девојка која возбудено раскажува за нејзината љубов.
“Преку неговите очи можам да се видам себе, како вечно да спијам во нив, таму има се што ми треба!” – и рече Х на својата пријателка.
И уште милион реченици кои ќе ги пронајдеш во речникот на луѓето кога се во прашање тие ѕвездички, не мораш ни да ги бараш, доовлно е само да помислиш на некој поглед што ти го освоил срцето и самите ќе се редат секогаш кога помислуваш на љубениот/љубената.
Очи, што тајни кријат – пее Влатче, а колку е само точна оваа реченица! Да, кријат многу тајни, најдлабоките тајни, мечти, копнежи, спомени и чувства се скриени во нив…
Додека погледот ти шета наоколу и го бараш оној што ти треба тие тоа ти го овозможуваат, а кога плачеш, солзите низ нив ти течат како река…
Заљубените очи гледаат поинаку од оние другите би рекла јас. Тие можат секој недостаток кај другиот да го направат совршен, можат да замижат на многу работи само за да не се уништи онаа идилична состојба во која се наоѓа парот.
Две трепкави ѕвездички кои силно блескаат кога сме среќни, а кога сме тажни се претвораат во поточиња.
Не кани ме со очите – пее Миле Кузманоски, а нивната важност е искажана дури и во нашите народни песни.
И уште во многу други песни се пее за нив, за нивната длабочина и големина.
Како да се заврши скромниов текст посветен на нашите водилки, а да биде достоен за крај?
Можеби многу работи се испуштени, можеби е се’ кажано, но нема доволно зборови за да се опише чувството кога погледите на двајца заљубени ќе се спојат и ништо повеќе не е потребно, зошто погледите се си кажале.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.