Skip to content

Тишина

Тишина
Таа, наједоноставната, а во исто време и најкомплицираната девојка што тој ја беше запознал му ги обзеде мислите, секое утро се будеше со нејзиниот лик, а заспиваше со помислата: “колку сакам да ја имам”. Девојката што беше причината за тој да се чувствува беспомошен, а во исто време и силен како карпа кога ќе ја погледне ја пополнуваше секоја негова тишина.
Секоја негова воздишка, секоја мисла што и ја поклони во тишината и припаѓаше само нејзе.
Тој, навидум силен и тврд како орев, се соочуваше со помислата како може една таква девојка да му го омекне срцето и да го направи мекуш, мек како памук.
Тоа беше едно зимско попладне кога погледите прв пат им се сретнаа, како да имаше нешто магично тој момент, времето застана само за нив двајца…Со нејзината сестра беа излезени да купат подароци за празниците, па долго време поминуваа шетајќи по рафтовите, смеејќи се на шегите кои си ги упатуваа меѓусебно при изборот на подароците кои требаше да им ги подарат на најблиските. Прекрасен ден, зимски ден кога сонцето светкајќи слабо се надвисна во облаците како да сакаше да се јави, да даде знак дека сеуште е тука и дека со нетрпение очекува да заблеска во полн сјај кога ќе дојде пролетта.
Таа рече дека многу и е мило што ќе можат сите заедно да ги прослават празниците како некогаш, ама дека сепак нешто и фали… Кога сестра и ја праша што е тоа што и фали, дали може да го купат, таа рече дека тоа е најскапоценото нешто што може еден човек да го има, ама дека не може да се купи со пари. Сестра и за момент се замисли, сфати дека Таа во очите крие тага, не беше како некогаш онаа девојка што блескаше од среќа и заклучи дека не го преболела бившиот дечко кој толку многу ја повреди, но не сакаше да ја отвара таа болна тема и само и рече: “многу се радувам што ќе бидеме заедно собрани пак како некогаш, како во старите добри времиња”. Кога стигнаа на полицата со книги, Таа рече дека ќе си се почасти сама со една добра книга која треба да ја прочита за да го означи крајот на годината, ама дека ќе треба да најде уште една која ќе и ја купи на сестра и како подарок за празниците, зошто покрај сите подароци кои што ги купија, само една за друга си заборавија да си купат по нешто. Секогаш кога беа мали добиваа подароци за новогодишните празници, па како да прерасна во традиција, немаше година, а тие да не си разменат по нешто во кругот на поблиското семејство како означување на старата година и почеток на новата.
Додека Таа ги разгледуваше книгите, барајќи го насловот кој ќе биде дел од нејзината колекција со книги, несакајќи турна една книга од полицата, а одма од зад неа, еден маж на приближно слична возраст како неа кој разгледуваше книги, се наведна за да ја крене книгата, баш кога таа се наведна да ја земе и во тој миг погледите им се сретнаа како на филм, цела врева која доаѓаше од раздвижените луѓе, божиќните песни кои свиреа на радио, џагорот и смеата на децата што шетаа за рака со своите родители, се’ прерасна во тишина кога нејзиниот поглед се измеша со неговиот, здивот и застана за на крај тишината да ја прекине неговиот глас: “мислам дека книгата што падна, беше таа што ја барав :)“, таа само му возврати: “гледаш чудо, и јас ја барав таа книга, а на полицата остана уште само една”. Сестра и беше се внела во изборот на кутии во кои ќе бидат завиткани подароците и не беше сведок на овој настан. Тој, за да ја избегне нерпијатната ситуација, само и рече: “моето име е тоа, можеш да ја земеш книгата, ама имаш рок само една вечер за да ја прочиташ и сега ќе ми го дадеш телефонскиот број, а јас утре ќе ти се јавам за да се сретнеме за да ми ја позајмиш книгата и тоа ќе биде исто како да сум ја купил”. Таа само се насмевна, му го кажа името и телефонскиот број и побрза да ја побара сестра и за да појдат на каса.
Кога сестра и ја виде, знаеше дека нешто се случило, очите и светкаа небаре како ѕвездички, насмевката ја откриваше дека во тие неколку минути нешто се случило, а нејзе а и беше криво што не учествувала на настанот, па Таа беше принудена на пат за дома, се да и раскаже.
Кој би рекол дека од една случајна несекојдневна средба ќе се случи нешто ново во нивните животи? Дали самото тоа што средбата беше сосема непланирана, интересна и воедно магична, и судбоносна беше причина за тие да се почувствуваат така? Дали во други околности ќе им се појавеа истите чувства? Дали да не разгледуваше во тој час книги, и ако не паднеше книгата долу, дали тие воопшто некогаш ќе се сретнеа? Но, од тој миг, кога си разменија поглед, телефонски броеви и после закажаната средба за да си ја разменат книгата не беше ништо исто. Тишината додека Таа ја читаше книгата беше исполнета со мисли за наредната средба, брзаше да ја прочита цела за да го исполни договорот и предизвикот, зошто знаеше дека книгата беше главната причина поради која ТОЈ ја покани на средба, “а многу храбро од негова страна што се сети на таков чекор”, си помисли, вртејќи ја следната страница.
Дали ова мене ми се случува, никогаш сум немала поинтересен предлог за состанок од овој, никогаш тишината не ми била толку убава и исполнета, како оваа тишина кога мислам на него.
Остана будна цела ноќ читајки во тишина и размислувајќи за тоа чувство што ја обзеде кога прв пат го виде, дали тоа беше навистина Тој што ќе биде причина за нејзината среќа и ќе доживее љубов како на филм, дали тоа беше ТОЈ со кого и ТИШИНАТА беше прекрасна?

Image

Напишете коментар