Машко-женските односи секогаш биле интересни, барем мене ми се ако ништо друго. И затоа решив секоја сабота да објавувам по еден пост со ваков наслов каде што ќе го истакнам моето размислување на таа тема. Да се разбреме, вечното прашање каде се водат најжестоки дебати е тоа: „Дали постои вистинско пријателство помеѓу маж и жена?“ Секако дека постои. Ќе зборувам од лично искуство и затоа мислам дека сепак сеуште постои. Уште од деството имам еден другар кој го сакам како брат. Сме поминале многу во животов заедно, сме се смееле, карале, играле, но никогаш не сум го погледнала со поинакви очи иако сме биле ептен блиски и сме си се доверувале еден на друг. Мислам дека тоа пријателство со него беше едно од најискрените во мојов живот. Си споделувавме тајни, знаевме речиси сѐ еден за друг. Нашиот однос од кога бевме деца не се промени многу, само што сега сме повозрасни и имаме обврски секој на своја страна па така да многу ретко се гледаме, но тоа не значи дека не се почитуваме или дека пријателството згаснало. Во името на ова пријателство кое почна уште во детството и сеуште трае тврдам дека сепак постои пријателство помеѓу личности од различен пол, но секако ако ниту една страна не се заљуби во другата. Муабетот дека пријателството преминува во љубов добро ми е познат, значи зборувам за романтична љубов, но не мора да значи дека во сите случаеви ќе биде тоа така. Во мојот случај постои љубов, ама чисто другарска, да не речам братска. Можеби затоа што се знаеме од мали и тој ми беше замена за братот кој никогаш го немав не можам да го гледам со поинакви очи, но знам дека нашето пријателство ќе трае вечно. Ако едната страна се заљуби во другата, а другата не е воопшто заинтересирана за љубовна врска настанува проблем. Односно, едниот не го гледа повеќе другиот како пријател и му е сѐ потешко да ја одржува таквата врска ако и тој од другата страна не е заљубен. Најчесто љубовта започнува токму од пријателската врска, но за љубов се потребни двајца. Ако романтичната љубов не е обосотрана, пријателството завршува затоа што едната страна не може да се помири со фактот дека не е сакана. И така драги мои, негувајте ги вашите приајтелства, затоа што нема ништо поубаво кога знаете дека некому сте му потребни и некој ви е потребен вас.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.