Skip to content

„Записите за Џозефина“ (3)

black_and_white_girl_by_lgkf310-d5eg3ft

Кога Џозефина се роди
небото истураше огромни капки дожд,
и тоа плачеше заедно со неа,
како да сакаше да учествува во нејзиното раѓање.
Ангелите се молеа за нејзината среќа,
а мајка ѝ плачеше од радост,
неможејќи да ги сокрие емоциите
плачеа двете и небото заедно со нив.
Добредојде во реалноста,
добредојде и во ништожноста,
но и во севкупноста,
барај ја твојата цел.
Не сакам да страда,
не сакам да знае за зло,
беа првите мисли на мајка ѝ,
а таа како да ги разбра уште тогаш.
Храбро се бореше против секое зло,
а секој пораз кој ја тераше на страдање
го прифаќаше достоинствено и гордо,
им се смееше на проблемите,
ги предизвикуваше,
ги одмеруваше и анализираше,
едноставно ги решаваше.
Благословот кој го доби
се исполнуваше секој ден,
трудејќи се да не ги разочара најблиските
даваше сѐ од себе во сѐ што правеше.
Тоа беше Џозефина.
Храбра.
Доследна.
Чесна и искрена.
Немаше нешто кое можеше да ја натера
да се откаже од соништата,
го следеше своето срце,
кое го натера да направи договор со разумот
и продолжуваше понатаму.
Сѐ што се обидуваше да ја повлече надолу
мудро го избегнуваше и му се спротивставуваше,
додека цврсто газеше по земјата.
Кога нејзините чекори ја допираа земјата,
правеше и земјата да се движи со неа,
ги спојуваше небото и земјата во нејзиниот поглед
тие таму се бакнуваа или играа танго
додека таа беше единствен сведок.
Џозефина девојка посакувана ,
девојката со заразна насмевка,
девојката што зрачеше со топлина,
која или можеше да те стопли или изгори,
девојката што беше истовремено и топла и ладна
девојката што беше и оган и вода,
која можеше да те натера да се заљубиш во неа
само со еден поглед.
Џозефина девојка за која
немаше замена.

Напишете коментар