Skip to content

„Записите за Џозефина“ (6)

black_and_white_girl_by_lgkf310-d5eg3ft

Мрак. Потполна тишина.
Избледени чувства. Јасни сеќавања.
Темни прозори, а светлост во душата.
Светли ѕвезди, а црна ноќ.
Само ѕвездите беа сведоци
на сите ноќни разделби и
спојувања помеѓу две души,
само тие ја гледаа среќата
и ја мразеа тагата,
гледајќи ја преку воздишките
на скршените срца и
солзите на едно рането битие.
Само ѕвездите таа ноќ
знаеја за болката на Џозефина,
за нејзината тага која ја скрши на парчиња,
како чаша што се крши на делови
неможејќи повторно да се состави.
Од таа вечер, ништо не беше исто.
Џозефина беше иста, а сосема друга,
беше цела, но скршена,
беше друга, а сепак исто толку своја.
Ништо не је ништеше оваа девојка,
која можеше да ја поднесе тагата
како да е тој единствениот начин
кој ќе ја направи да се помири со неа
и да продолжи понатаму.
Ништо не ја ништеше оваа девојка,
која покрај многуте неправди
правеше светот да ѝ изгледа
прекрасно место за живеење,
каде што можеше да танцува со ѕвездите
и да блеска заедно со сонцето
како најтопол поздрав пратен од небото.
Ништо не ја ништеше оваа девојка
која беше посилна од тоа што мислеше дека е,
која можеше да биде среќна без причина,
чија насмевка беше најубавиот подарок
кому можеше некому да го дарува.
Џозефина излезе на балконот,
ги поздрави ѕвездите затоа што
тие беа единствените нејзини сведоци
на тагата која ја чувствуваше таа ноќ.
Тогаш една ѕвезда падна,
а таа бришејќи си ги солзите
замисли една желба
и посака да ѝ се оствари.

Напишете коментар