„Записите за Џозефина“ (30)
Додека свиреше нејзината омилена песна
 Џозефина ги склопи очите и уживаше
 во ритамот на нотите кои ја исполнуваа собата
 во која свеќата со мирис на ванила полека догоруваше.
 Додека сонот никако не ѝ доаѓаше
 Џозефина размислуваше за многу работи
 во ноќта тивка и мирна која даваше спокој
 не можеше да му се препушти на спиењето.
 Требаше да го прави она што мораше
 а правеше нешто сосема друго,
 како да не постоеја правила и обврски за неа
 како ништо друго да не беше важно
 освен ноќта да ѝ биде единствен сведок
 на гласните мисли и тивката музика.
 Требаше да биде среќна,
 тоа можеби ѝ беше и најважно,
 но знаеше дека мора да помине бурата
 за да огрее сонцето.
 Животот ѝ беше еден огромен рингишпил
 на мометни беше издигнат горе,
 за во следен миг да се спушти долу
 и така постојано,
 се бркаше со среќата и тагата,
 кога едната беше будна, другата спиеше
 исто како дождот и сонцето,
 како денот и ноќта
 како плимата и осеката.
 Нејзе ѝ требаше некој
 кој ќе може да балансира на рингишпилот,
 кој ќе ѝ подаде рака,
 кој нема да се откаже од неа
 дури и кога тоа ќе го заслужи.
 Нејзе ѝ требаше некој
 кој ќе биде покрај неа
 и во добро и во лошо,
 кој ќе ја чува од зло
 кој ќе ѝ биде најголема поддршка.
 Нејзе ѝ требаше некој
 кој ќе чекори покрај неа со гордост,
 кој нема да ѝ се лути зошто не кренала слушалка
 кој нема да му смета ни кога косата ѝ е бушава,
 кој нема никогаш да ја повреди
 кој ќе ѝ биде сојузник во фантазирањето
 и мечтаењето.
 Некој со кој ќе биде потполно своја,
 а сепак толку негова.
 Некој покрај кој ќе биде насмеана,
 кој никогаш нема да си дозволи да ја растажи,
 а ќе ја расплаче од среќа.

Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.

