Дишам, значи живеам

just breath

Постоиме.
И јас, и ти.
И тие, и ние.
Постојат и таа и тој.
Колку ли треба да платиме за воздухот што го дишеме?
Од прав и пепел,
од чад и отров,
од јад и сивило,
од злоба и црнило
до нашето белодробно крило.
Како ли ќе бидеме чисти после ова?
Се претвараш во пиун,
во човечки робот
кој е програмиран како да дише,
стануваш роб во сопственото тело,
заробен во своите мисли,
осуден на доживотен затвор
во светот на безредието.
Стануваш чувар на ноќта
и крадец на денот,
а некогаш ги мешаш двете,
па денот ти е ноќ, а ноќта ден.
И стануваш немоќен,
неможејќи да ја победиш самотијата
се труеш со лаги што сам ги смислуваш,
се топиш во солзи што скришно ги лиеш,
непокажувајќи ја никому твојата слаба страна
стануваш глумец на себеси,
се глумиш во позитивно светло,
црташ лажна насмевка,
а одвнатре се дробиш
на илјадници парчиња
и мислиш никогаш нема да бидеш цел,
додека некој не се појави
и ти го покаже спротивното.
Чиниш нема назад,
чиниш светот е лажен,
а ти си само дел од една голема лага
на која набрзо ќе ѝ дојде крајот.
Ти си вистина во свет полн со лаги!
Ти си нечиј свет.
Ти си нечија омилена вистина
која крие цели светови!
Ти си неоткриена тврдина
полна со изненадувања.
Се будиш од бунило.
Прогледуваш и сфаќаш дека
си среќен што постиш,
иако твоето постоење е можеби и болно.
Знаеш дека си жив, само затоа што дишеш.
А, дишејќи, ќе откриеш
зошто треба да живееш.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели