Гол и бос доаѓаш,
со солзи и плач
го најавуваш твоето постоење,
ја победуваш смртта за првпат,
го вдишуваш животот
и ја почнуваш битката со непознатото.
Не знаеш каде одиш,
а никако не сакаш да појдеш таму,
колку што можеш подолго
го одложуваш соочувањето со црната дупка,
не ѝ даваш да те голтне
и да те направи заборав.
Еднаш умираш кога ќе те здоболи душата,
ама пак си жив,
вторпат умираш кога еден дел од тебе заминува
и нема повеќе да се врати,
секој ден умираш кога ѝ отвараш врата на тагата.
Убивајќи ја црната дупка
ѝ даваш шанса на светлината,
му подаваш рака на предизвикот,
ја прегрнуваш новата шанса
неплашејќи се од пораз.
Шепотот на тивкиот глас во себе ти вели:
„Ништо не е невозможно, но и ништо не е вечно“,
а ти се насмевнуваш
и продолжуваш да ја убиваш смртта,
додека не те победи,
додека не ти го одземе здивот
немилосрдно уништувајќи ја
секоја клетка од твоето тело.
Убивај ја таа безмилосна чума
која краде здивови,
која те голта во огнена лава,
која те прави заборав,
убиј ја, пред таа да те победи.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.