Лежиш мирно. Или седиш спокојно. Можеби правиш нешто што е поразлично од лежење и седење, но чувствуваш мир. Потоа веќе си потонал во сон. И некому му текнува, односно на Земјата ѝ текнува дека е време да прати знак и да те здрма толку силно, доволно за да се разбудиш и да видиш што понатаму.
Кога конечно сфаќаш дека не сонуваш и дека не халуцинираш туку навистина си осетил земјотрес ти станува сѐ полека јасно.
Земјата ни ги наплаќа своите долгови кои ги предизвика природата мајка поклонувајќи ни дождови.
Сега е време со поголемо, а некаде со помало количество на доживеан страв и со поголеми или помали дози на паника да ѝ се плати, а таа постојано нѐ потсетува дури и со афтер шокови дека ние навистина си ги сакаме и цениме нашите животи.
Не беше доволен едниот немил будилник во ден кога требаше да се разбудиме без аларм, па сега и со шоковите продолжува да дрма.
Жално е и тажно што мора да се случи некој немил настан за луѓето да почнат посериозно да гледаат на своите и туѓите животи. Под гледање на своите и туѓите животи се подразбира нивно ценење и сфаќање на нивната вредност.
Кога не се наоѓаме во животно-загрозувачка ситуација најверојатно често немаме навика да застанеме и да размислиме колку вреди нашиот живот и колку сме ние среќни што имаме можност да живееме во ова (не)време.
Но, овде нема да наидете на никаква осуда од моја страна што и да правите, ваше право е кога и како ќе го цените сопствениот живот и што правите за да (пре)живеете. Овде само можете да наидете на човек кој ќе ви каже дека ве разбира, дека не треба да се крева огромна паника, што и да се случи ќе се случи доколку треба, и по можност да се избегне најнепосакуваното и најлошото.
Не ми е целта со насловот да ја зголемам посетеноста на блогот, туку да предизвикам на некој начин „будење“ и да го искажам својот став кој ќе можат да го прочитаат сите оние кои се нашле засегнати од самиот наслов.
Знам дека баш тие НАЈбудните ќе отворат, а сите останати најверојатно нема да имаат време да прочитаат за што станува збор од х причини. Доколку сметате дека не треба луѓето околу вас да креваат паника споделете ја колумнава со нив, можеби ќе пронајдат зрнце надеж и оптимизам за прифаќање на работите какви што се.
И останете мирни.
На крајот би рекла дека се случуваат многу поголеми „земјотреси“ во нашите животи кои не се природно предизвикани, ама не им придаваме големо значење, а можеби и би требало. До следно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.