Ја лажеше, постојано и неуморно. Секој збор што го изговараше беше лажен, а таа се правеше дека му верува. Чекаше да види до кога, замижуваше и прогледуваше низ прсти, но и прстите се уморија од толку прогледување низ нив. Не сакаше да ја играат, почна да ја игра неговата игра и секоја лага ја поземаше како да верува во неа, без приговор голтајќи го гневот во себе и придушувајќи го внатрешниот глас кој ѝ велеше дека не смее да се измачува, дека време е валканата игра да заврши. Но, не сакаше да го послуша, продолжуваше да глуми дека се фаќа за мамката која тој ја фрлаше секогаш кога ќе изустеше глас.
Среќата во нејзините очи згасна, и сѐ повеќе згаснуваше со секоја изговорена лага, со секој пропуштен обид да ги промени нештата…Му оставаше простор на времето за кое мислеше дека е безгрешно, мислеше дека барем тоа ќе може да ги промени работите, но и тука гадно се лажеше самата.
Времето никогаш не ѝ било пријател! Тој упорно продолжуваше со играта како да не беше свесен дека таа ќе се умори, верувајќи во своите лаги, како да замижа и не ја земаше во предвид можноста дека таа ќе замине кај друг, некој кој ќе ѝ го врати сјајот во очите.
Тој не знаеше да го цени тоа што го имаше покрај себе. Мораше прво да го изгуби, за да ја сфати неговата вредност. А, ако еднаш го изгубеше тоа никогаш немаше да се врати.
И, кога таа веќе се давеше во морето од лаги низ кое тој гордо пловеше, се фати за последната сламка спас, и реши дека нема сили повеќе да се бори.
Се бореше против нешто кое не се искоренуваше толку лесно, а немаше сили да се уништува по никоја цена. А, не беше свесна дека баш тоа ја правеше силна, силата која ја тераше да го прекине тој круг на измислици. Оттогаш знаеше дека повеќе никому нема да му верува, дури ни на сопствената сенка… Така ѝ беше полесно, барем немаше што да изгуби. Ни стекната доверба, ни било какво очекување. Цврсто одлучна дека дошло време кога на лагата ќе ѝ ја предаде однапред изгубената битка, го зеде кормилото во свои раце и погледна напред…
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.