Skip to content

Странецот и случајниот минувач

11

После долгиот пат конечно пристигна во земјата која отсекогаш сакал да ја посети, а сега веќе ќе престојува во неа и како нејзин жител, не како турист како што му беше желба на почеток. Го вдиша воздухот кој отсега па натаму ќе го вдишува секој ден, и почна со очите да го впива секој малечок детаљ што можеше да го дофати со погледот…Ова беше крај на едно поглавје во неговиот живот и почеток на едно сосема друго, кое сигурно многу ќе се разликува од тоа претходното. Откако се смести, излезе на првата прошетка во новиот град, со бавни чекори се движеше по улиците и си помислуваше дека неговиот сон конечно се исполни, дури и повеќе отколку што требаше.
Намерно чекореше бавно како целото време на светов да е само негово и како да може да го запре кога ќе посака, но знаеше дека мора да го искористи секој слободен момент за да може целосно да го запознае неговото ново живеалиште.
Ги гледаше огромните објекти, им се восхитуваше на плоштадот, излозите од продавниците прекрасно декорирани, па дури и во уличните продавачи и чистачите на стакло имаше нешто восхитувачко, нешто што го тераше да се радува бидејќи започнуваше нов живот.
Луѓето му беа поинакви, некако беа ладни, а истовремено и љубезни и дружељубиви, сепак за среќа можеше да најде некоја средина зошто секаде постојат луѓе кои се тотална спротивност, но за нив тука тој секогаш ќе биде странец, некој кој не припаѓа тука целосно зошто е од некаде дојден. Не можеше да им се изнагледа на убавите градби, а мирисот на свежо печена пита од вишни го намами да седне во локалот и да си нарача јадење затоа што беше гладен.
И кога ја направи порачката, додека го чекаше јадењето да му пристигне, го пиеше кафето со млеко, и си помисли на сите блиски кои ги остави во родната земја кои ужасно му недостигаа помислувајќи како би му било доколку барем еден од нив беше со него во тој момент.
Странецот, откако заврши со јадењето, реши да прошета уште малку и да се врати назад во апартманот за да се среди комплетно и да направи план што ќе прави утредента.
Занесен, задлабочен во своите мисли, не забележа дека се движи во правец на човекот кој доаѓаше спроти него. Веројатно и случајниот минувач не го забележа, и тој не беше целосно присутен во моментот и одеднаш се судрија. Странецот почна да се извинува, го прашуваше човекот дали е добро, и уште три пати му се извини. Случајниот минувач само кимна со главата и продолжи да чекори како ништо да не се случило.
Тогаш странецот остана малку збунет, а и му стана полесно. Од една страна му беше чудно што овој не се налути и не избувна, што не беше случај со луѓето од земјата од каде што доаѓаше зошто тие можеа и да ти ги „откопаат“ очите затоа што не си бил внимателен и си се „осмелил“ да им го „попречиш“ патот иако и тие не внимавале, а од друга страна си велеше дека начинот на кој минувачот се однесуваше треба да биде најприродна реакција во таква ситуација. Ова му беше доволен показател дека живее во земја со многу висока култура и беше среќен поради тоа. Само се надеваше дека повеќето се како случајниот минувач, зошто не смееше луѓе како него да бидат реткост во една толку голема и развиена земја.

Напишете коментар