Денес се разбудив со желба за живот иако вчера мислев дека сум го допрела дното. И така секој ден се будам со желба да го променам светот, а претходната ноќ мојот свет чиниш некој со булдожер го срамнил со земја. Некогаш помислувам дека и Вертер може да ми позавиди, па после се предомислувам и мислам дека посреќен човек од мене нема. Тоа покажува колку сум колеблива, ама и одлучна. Како може истовремено и двете? Затоа што колку и да се колебам како се чувствувам во одреден момент, секогаш одлучувам дека заслужувам подобро, и секогаш одлучувам да верувам во себе. Знаете, вербата во себе може далеку да ве одведе, а јас ѝ дозволувам да ми го покаже вистинскиот пат. Како би можела да бидам сигурна дека тој пат е вистински?
Сѐ додека одлучувам сама и своеволно ги преземам чекорите, сѐ додека го користам мојот ум и вложувам енергија и труд, знам дека ќе биде таков.
Кога би било поинаку, ќе го сменам правецот и повторно ќе го направам истото, додека не го пронајдам тоа по што сум тргнала.
И можам да најдам, ако побарам. И ќе побарам, ако сакам да најдам.
Некогаш пред да заспијам во мислите ми се појавува лик кој не го препознавам целосно.
Би сакала да знам зошто ми е толку познат, а не можам да се сетам каде сум го видела претходно. Мистеријата ми се шири во собата исто како што топлината од печката се шири во воздухот и ми ја загрева просторијава. Зениците ми се рашируваат и крвниот притисок ми се покачува, можеби поради кафето што го испив пред малку. Беше јако и горко, токму какво што ми требаше. Тоа добро си ја заврши улогата, а мојата улога за денес не ми е баш најсјајна. Впрочем, секој ден си доделувам различна улога во зависност од моменталното расположение. Меѓутоа, една улога секогаш останува иста, улогата на човек.
И таа ми помага да се разбудам со желба да го направам светот подобро место за живеење.
Сепак, заклучив дека улогата на човек останува најтешка.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.