Дождот истураше. Го накваси целиот од глава до пети. Со водени алишта и мокра коса продолжи да чекори во темнината, ги забрза чекорите небаре некој го чекаше да се врати. Не беше под дејство на алкохол зошто таа вечер не се напи ниту капка, но исто како да беше затоа што изгледаше како пијан додека се движеше низ улицата, подобро да се каже додека танцуваше под дождот чекорејќи по патот кој не го водеше никаде. Или барем мислеше дека не го води. Зошто не знаеше каде ќе стигне или барем се убедуваше дека не знае, како да не сакаше да си признае дека го чека празен стан, студена соба и тишина која го убиваше, која мразеше да ја пополнува со прашања додека капките дожд ја правеа таа монотона мелодија од која почна да му се повраќа. Одеше пеш по улицата со тромави чекори, не сакаше да запре, не сакаше да појде на местото кај што се чувствуваше проклето сам. А, таму секогаш се враќаше. И повторно следен со тоа чувство на осаменост кое ништо не можеше да го пополни кога неа веќе ја немаше. Како да не постоеше оттогаш. Ништо повеќе не можело да биде исто откога ќе постанете странци, а таа тоа му стана. Странец. Некој што повеќе не го познаваше. Некој што не можеше да го види кога ќе посака ниту да го слушне. Некој дури што и името не смееше да му го изговори. Некој кој ти бил сѐ лесно можело да се претвори во некој што ти е ништо…И тоа знаело да боли многу, а тој тоа најдобро го знаеше. Зошто и оваа ноќ беше пијан од тага, а дождот како да сакаше да му помогне за заедно да ја измијат болката. Скршен од болка и наквасен како да излегол од поплава, одеше и го изговараше нејзиното име, но попусто немаше кој да го слушне, најмалку таа. И како некој да му ја слушна желбата, одеднаш таа се појави пред него. Беше облечена во невестински фустан и едвај ја препозна. Застаната пред него го гледаше директно во очи и не изусти ниту збор. Кога беше сигурен дека е таа, посака да ја допре, за да се увери дека е вистинска, дека не му се присторило, но таа исчезна. Испари за миг и повторно го остави сам. Повторно без збогување и без зборови. Се прашуваше кај тргнала така облечена, кој ли беше среќникот, зошто не беше заедно со тој другиот, зошто воопшто дошла кај него?
Клекна на колена и почна да плаче како мало дете. Дождот и солзите се измешаа и сето тоа наликуваше како филмска сцена, ама не беше. Тоа беше само сон што го сонуваше втора вечер по ред.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.