Тешкото – Блаже Конески

https://soundcloud.com/lightnessindarkness/teshkoto-blazhe-koneski
О тешкото! Сурли штом диво ќе писнат,
 штом тапан ќе грмне со подземен екот –
 во градиве зошто жал лута ме стиска,
 во очиве зошто навирува река
 и зошто ми иде да плачам ко дете,
 да превијам раце, да прекријам лик –
 та гризам јас усни, стегам срце клето,
 да не путши вик.
О тешкото! Старци излегуват еве,
 на чело им мисла, во очи им влага
 и првиот чекор по меката трева
 е мирен и бавен, со здржана тага.
 Но ‘рзнува тапан и писок се крева
 и молнија светнува во секој глед,
 и напред се пушта, се стрелка се слева
 стегнатиот ред.
До старците момци се фаќаат скокум;
 не издржа срце – сив сокол во клетка,
 не издржа пламен жив потулен в око,
 не издржа младоста што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
 и чиниш – се корне стресениот век,
 и околу трпнат ридиштата темни
 и враќаат ек.
И божем се врсало кипнатово оро
 со исконска сила за земјава наша
 и во него шуми на реките зборот,
 и во него рика див ветер и страшен
 и во него шепнат узреани житја
 и вечерен мирис се разлева тих,
 и земјата дише во пролетна ситост
 со запален здив.
И душата, чиниш, на родот мој мачен
 во тешково оро се уткала сета –
 век по век што трупал сѐпопуст и мрачен
 од крвава болка, од робија клета,
 век по век што нижел од корава мисла
 за радосна челад, за слободен свет,
 од песна – за љубов што гине со пискот
 ко жерав во лет.
О тешкото! Кога во молк да те гледам,
 на очиве магла ми напаѓа сура,
 и одеднаш – в бескрај се растега редот
 и ридја се губат в пустелија штура –
 и еве кај иде од маглата матна
 сѐсенка до сенка, сѐ еден до друг –
 во бескрајно оро син оди по татка,
 по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
 и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
 а главите им се наведени доле,
 и покроце врват – сѐ чекор по чекор.
 О времиња, што ве  в мрак родот мој минал,
 кој збор ќе ми најде за вашата стрв?!
 Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
 над пустш и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
 на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
 кој на срце болки ќе изреди збрани,
 и на очи солзи, и клетви на усти.
 О тешкото! Синџир ти беше на робја,
 од калеши моми и невести ред,
 со врзани раце во плен што ги погнал
 насилникот клет.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
 дур не стана народ во листена гора,
 сѐдури со јадот од векови собран
 не поведе бујно, бунтовничко оро!
 Се залула танец низ крвје и огон,
 и повик се зачу и грмеж во чад –
 те разнесе сегде бунтовната нога
 по родниот кат.
О тешкото! Сега по нашите села
 во слобода првпат штом оро ќе сретам,
 зар чудно е – солза да потече врела,
 зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
 Од вековно ропство, мој народе, идеш
 но носиш ти в срце дар златен и пој.
 Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
 и животот твој!

Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.
