Зборови, чиниш ќе те отрујат ако не се соодветно искажани. A буквите чекаат да бидат правилно наредени по оној редослед кој вика дека зборовите и хартијата ќе водат љубов додека прстите ти создаваат цели светови. Исто како што една прегратка за некого може да биде цел свет.
Ладно е, a зборот може да ти ја стопли душата исто како што печката ја загрева просторијата во која се наоѓаш сега.
Со прегратките е поинаку, тие ем ти ја топлат душата, ем ти го греат телото плус ти не гушкаш само еден човек. Tи гушкаш нешто што се вика дом. Eден цел свет кој во моментот се испреплетува со твојот.
Прегратките треба да се множат и колку е можно повеќе светови да се испреплетуваат. Tака можеби зимата и ќе помине побрзо и нема да чувствуваме огромен студ.
Додека хартијата и буквите ги испреплетуваат јазиците, се создаваат најубавите приказни, кои немаат крај.
Зборот нема крај,
А, ни оваа приказна не сака да заврши.
Не сака да има точка на завршетокот зошто за неа не постои крај.
Приказната никогаш не завршува, зошто е бесконечна. Продолжува и после она „си живееја среќно до крајот на животот“. Бидејќи животот завршил, но таа не.
Таа останала да раскажува за тоа колку среќен или несреќен бил животот.
Замислете ја како боенка во која боевте како деца. Таа ви ги обојуваше вечерите кога ви ја раскажуваа додека беше испишувана во вашите животи. Потоа кога после напорниот ден едвај чекавте да ја земете во рака книгата која ве галеше нежно, ви се обојуваше денот. Пред вашите очи се претставуваше некој друг свет, целосно различен, толку далечен, а сепак близок.
Тоа е мајсторијата и магијата на тие листови кои ги држите во рака. Ти дозволуваат да запливаш низ страниците, да се изгубиш во нив, да нуркаш во морето од букви пронаоѓајќи бисери преточени во зборови.
И не се само обични зборови!
Туку зборови кои можат целосно да ти го променат животот и целиот тек на твојата приказна која ја испишуваш од моментот на своето раѓање, до бескрај.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.