Дали и вам ви е познато чувството кога на училиште мораше да прочитате задолжителна лектира? Некој роман од 19 век кој ви се чинеше непотребен, наспроти вистинскиот живот кој се случува некаде надвор. Ако го читате овој текст веројатно одамна го надминавте сомнежот во вредноста и важноста на книжевноста. Сепак, и тие кои не се љубители на читањето добро е да ја прочитаат следнава статија.
Книжевноста не треба само да се поврзува со пополнување на слободно време или забава, таа е многу повеќе од тоа. Следниве четири психолошки функции се случуваат кога читате и како читањето влијае на вашиот живот.
Покрај тоа што на прв поглед се чини дека читањето ви го краде времето и дека подобро би било да правите нешто друго отколку да прелетувате со погледот низ редовите, со читањето всушност заштедуваме време. На кој начин?
1. Со читањето книги им пристапуваме на случувањата, чувствата или ситуациите за кои би ни била потребна вечност за да ги искусиме во реалниот живот.
Со самото тоа што читајќи, се запознаваме со други животи и точки на гледање на други луѓе, во состојба сме да бидеме толерантни повеќе отколку оние кои остануваат само во рамките на сопствениот живот.
2. Запознавајќи ги другите го зголемуваме степенот на емпатија, особина која во свет на егоизам во кој владеат парите и моќта е повеќе и од потребна.
Потсетете се кога во некој книжевен јунак сте се пронашле целосно, кога вашиот живот и своите размислувања сте ги препознале во неговите зборови и постапки.
3. Читањето е лек за осаменост затоа што се открива дека постојат луѓе со кои ги делиме нашите чувства, идеи и погледи на светот.
Писателите умеат да ги пронајдат вистинските зборови, тие знаат да ја опишат единственоста на нашите внатрешни искуства од љубовта и осаменоста, до стравовите и доживувањата за смртноста.
Со тоа книгите претставуваат наши најдобри пријатели кои секогаш имаат време и трпение за нас, како и ние за нив.
Покрај тоа што медиумите се сѐ поприсутни кои неуморно објаснуваат како се вреднува личноста и животот на поединецот, кој е успешен, а кој не, читајќи раскази или романи, ние живееме со јунаците кои се соочуваат со своите неуспеси и дознаваме дека овој свет не функционира онака како го претставуваат медиумите, и исто така учиме од туѓите грешки.
4. Неуспехот не повлекува нужно осудување на (анти) јунакот, туку може да пробуди сочувство.
Сите овие причини одат во прилог на фактот дека книжевноста би требало да се гледа поинаку од тоа како повеќето ја доживуваат. На многумина читањето им е обичен вид на забава, нешто со кое можат да си ги оттргнат мислите од реалниот свет, барем за неколку часа.
Меѓутоа, книжевноста е многу повеќе од тоа: и покрај естетичките и етичките вредности, таа има и терапевтско дејство, односно има многу позитивно влијание врз процесот на размислување, концентрација, подобрување на вербалното изразување, подобрување на вашата комуникација со другите, зголемување на емоционалната интелигенција како и целокупно збогатување на речникот и душевното богатство.
Над сѐ, книжевноста треба да ја перципираме како средство кое ни помага да живееме ( и умреме) со малку повеќе мудрост, добрина и разум.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.