Раце (II) – Гане Тодоровски (рецитација)
Едни раце две
 земаа кал и Адам направија,
 а потоа!
 за да се доречат 
 згрешија Ева!
Едни раце две
 со својот потпис 
 смрт некому навестија,
 а потоа!
 дома, со часови на детето
 занимавки му цртаа,
 по обравче го галеа!
Едни раце две
 службено јамка врз вратот
 на еден, зошто да не и невин, ставија
 а потоа!
 на софра сомун бел прекршија
 и пред залакот прв се прекрстија!
Едни раце две
 нож, најбесчувствено,
 в некое тело забија,
 а потоа!
 нежно со многу се ракуваа,
 и в занес љубовен
 момински коси мрсеа!
Едни раце две
 убија двесте илјади немоќни
 во Хирошима,
 а потоа!
 истиве раце побараа пресечени да бидат!
 Не беа,
 бидејќи требат – 
 со нив да се држи лажица,
 со нив се држи вилица,
 со нив се јаде леб.
Едни раце две –
 раце господови,
 раце џелатови,
 раце гробарови,
 раце војникови,
 раце човекови,
 и раце етц.-
 без кои гревот помал ќе е грев
 без кои доброто смисла ќе нема,
 светли и темни,
 нежни и груби,
 мирни и гневни,
 неопходни наши
 трансмисии и парадокси!

