Осми во март месец, ден кој треба да биде одбележан како потсетување на борбата на жените за нивните права и рамноправноста со машкиот пол. Наместо да се потсетиме на тоа, ние се сеќаваме дека на учителката треба да ѝ се купи подарок нешто како цвеќе, па сега во последните десеттина години се собираат пари и ѝ се подарува нешто повредено и поголемо.
Зошто цвеќето ќе се исушело, а вака барем ќе ги памети учениците по нешто друго што ќе ѝ стои во домот. А, не треба да ги памети по нивната трудољубивост, нивните навики, стил на зборување, однесување или нешто слично? Изгледа јас воопшто не сум современа штом ова го помислувам, ќе ми извинете.
Наместо да се сетиме дека многу жени уште не можат да ја добијат потребната рамноправност, а во некои земји немаат доволно права какви што заслужува секоја жена и се третирани на многу неправилен начин, ние трчаме да си честитаме осми март. Си разменуваме подароци зошто нели така останало по традиција.
Мажите наоѓаат совршена прилика да се искупат чиниш ако ѝ купат подарок на саканата сите негативности магично ќе се избришат. Немам ништо против меѓусебна размена на пидароци, но да не биде тоа по принцип “ќе ми подари таа па да ѝ вратам“, туку може да биде великодушно и во кој било друг ден од годината без повод. Од жена, на жена.
Денеска се оди до тој степен што се збираат група на жени и си прославуваат во кафеана како тоа да мора да е така, чиниш е некое огромно достигнување ако се соберете така дотерани и стокмени. За 365 дена ќе дојде повторно осми во третиот месец од годината, а ништо нема да се промени. Во поглед на тоа дека вие на работа сте третирани поинаку од мажите и дека добивате пониски плати од нив. Не е проблемот во собирањето, дотерувањето и прославувањето, тоа си е нормална работа и нема ништо грешно во тоа.
Проблемот е што не се посветува доволно внимание на суштинските работи, се однесуваме како да е сѐ совршено во ред тој ден. Останатите денови ни смета кога нема да бидеме почитувани како што треба, или кога сме го изгубиле работното место поради тоа што сме останале трудни. Сфаќате каде е проблемот за кој зборувам?
Не е поентата на жената да ѝ се посвети само еден ден во годината, да ѝ се купуваат цвеќиња зошто ете така требало и било модерно. На жената секогаш ѝ се подраги вниамнието и малите гестови во обичниот ден. Кога е уморна и сака само да појде дома побрзо и да одмори. Во таквите денови вашата грижа најмногу ќе ѝ годи.
Поентата е дека сите останати 364 денови жената треба да биде почитувана, поддржана, да ѝ се посвети внимание. Секој ден да биде еднакво третирана како и машкиот пол, да ги има правата кои ги заслужува воедно да биде сакана и ценета.
Порака до сите припадници на машкиот пол треба да биде: ниту еден подарок на светов нема да го надополни/замени или поправи вашето однесување. И доколку текстов звучи претерано феминистички не ми е воопшто грижа, не се декларирам како феминистка иако нема ништо лошо во тоа да се биде.
Феминизмот не подразбира помало уважување на машкиот пол, но веќе тоа е друга тема за која не би продолжила со пишување. Важната работа која би сакала да ја истакнам е дека доколку жените, девојките, мајките, бабите, не се доволно храбри да ги искажат своите ставови и да се борат за своите права, џабе си го празнуваат денешниот ден.
Нас не ни треба ружа или каранфил за да се чувствуваме сакани, со исклучоци кои мислат дека цвеќето е огромен доказ за тоа колку те сака партнерот. Која е поентата да речеме, денеска да ти бидат подарени 22 каранфили, а утре да бидеш почестена со навреди, непочитување, коментари околу изгледот? Негодување за тоа како не треба да го носиш тоа деколте зошто е премногу провокативно? Или дека не треба да ја носиш марамата или дека нема да добиеш покачување на плата само затоа што си женско?
Затоа жени, девојки и мајки, радувајте се на секој ден подеднакво, не само овој зошто го прогласиле да биде обележан како таков. Радувајте им се на цвеќињата подарени и во сосема обичен ден и без некоја посебна причина. Нели за да подариме некому нешто не треба да чекаме некаква прилика доколку го правиме тоа од срце. Треба многу повеќе да се радувате на вашата сила, борбеност, издржливост, способности бидејќи вие сте похрабри отколку што мислите. Во некои случаи жените испаѓаат многу похрабри од мажите, иако мажите и физички се посилниот пол.
Самиот факт што жената носи и создава нови животи, што преживува и незамисливо, што трпи неподнослива болка и што се жртвува макотрпно секојдневно без да се пожали, тоа ја прави извонредна. Како и секој можен збор што ќе ви падне на памет, а е асоцијација на јачина, моќ, сила, издржливост, љубов, грижа, внимание и посветеност.
Секоја жена треба да е горда што е жена, а секој маж да е уште погорд што има шанса да дели живот со едно такво извонредно битие. Секој што не ја почитува жената без оглед на нејзината возраст, вера, раса, позиција, образование и етничка припадност, за мене не е човек. Ајде да бидеме луѓе секој ден од годината, а не само на осмиот ден од месец март. Ајде да останеме силни и да правиме промени, а не да стоиме во место.
Среќен меѓународен ден на жената (среќен ден на поклонување цвеќиња и глума како сме воодушевени)!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.