Не ги разбирам оние кои велат дека луѓето читаат книги само за да изгледаат „начитани“ или за да бидат „модерни“ или да изгледаат паметно. Каков е тоа неправилно донесен неоснован суд за некој што става слика на социјална мрежа во која на преден план е книга. Или за некој што во автобус си држи книга во скут и си го скратува времето на патување?
Мислите дека тие што ставаат слики намерно ги сликаат книгите за вие да мислите дека се начитани, а притоа сликата ја ставаат како доказ за тоа? Не помисливте можеби дека тие се горди што имаат можност да го читаат тоа дело и сакаат да споделат со останатите? Или пак едноставно обожаваат (како пасија) да ги сликаат книгите што ги прочитале, па и што не ги прочитале и сакаат да ги покажуваат?
Верувам дека доколку не е една од овие две можни претпоставени причини на кои јас се сетив, уште помалку е дека сакаат да изгледаат „паметно“ и „начитано“.
Верувајте дека тие што изгледаат или ете не изгледаат паметно, но се такви и без да го докажуваат и покажуваат тоа, а најмалку преку фотографирање книги 😉 Вашиот обид да изгледате „мудро“ и „досетливо“ со коментари (забелешки) за овој тип на луѓе (погоре опишаните) ве прави вас во најмала рака критичар кој (иако има право да го прави тоа) „плука“ по нешто кое е сосема нормално.
Ваквите критичари даваат уште помизерни (жалам ако зборов звучи лошо) заклучоци кога коментираат дека чувањето книги на полица било непотребно собирање на прашина! Епа драги мои, тие за жал најверојатно го немаат доживеано задоволството да ги подредуваат насловите по некои свои критериуми. Тие се фатиле за прашината како да е таа најважна во целата приказна. Како телевизорот и лаптопите да не им фаќаат прашина, ама нив ги имаат во сите соби! Кога читаш за да ја задоволиш интелектуалната потреба од нешто што навистина ти го привлекло вниманието, било да се работи за научен труд или за слободна литература, ти стануваш попаметен (можеби не ти се покачува коефициентот на интелигенција, но стекнуваш некаква си животна мудрост).
Книгите и сликите со нив не те прават ниту паметен, ниту „бубалица“, ниту „начитан“, како што ни зајадливите коментари против „домашна библиотека“ не те прават „досетлив“ или онаков каков што си сакал да се прикажеш изјавувајќи го тоа.
Заклучокот е дека колку повеќе читаш, толку подобро за тебе (помисли на минимум една придобивка што ја си почувствувал на своја кожа). А, колку повеќе ја полниш „домашната библиотека“ им стануваш омилена „мета“ на тие што се загрижиле колку прашина ќе имаш за чистење! 😉
На крајот на краиштата не се воопшто важни коментарите од останатите кои имаат забелешка на секоја една појава било да е негативна или позитивна. Критиките ќе постојат зошто некој мора и со тоа да се занимава, наместо да чита книга на пример. (
Критиката би требало да се прифати кога не е кажана со намера „да се исмејува“ појавата. Доколку поединецот не може да го разбере овој посебен вид на однос на еден човек спрема книгите, а тој самиот го нема, подобро да се обиде да го разбере без негативни забелешки.
Но, секоја забелешка која е поврзана со книгите, начинот на нивно негување, доживување, колекционерство и сѐ поврзано со нив, а ја сметам за негативна, неоснована, зајадлива, неправилна. Подобро зачувајте ја за себе. Вие не само што ширите негативност и критицизам кој е потполно непотребен вие ширите негативна порака која им смета на љубителите на пишаниот збор. Исто како што вас ви смета прашината што ви ја собираат „непотребните парчиња хартија“. Вие не само што го навредувате секој припадник од човештвото кој во моментот чита книга вие ги криикувате делата од сите писатели кои некогаш твореле.
Благодарение на токму тие парчиња хартија кои збираат прашина ние денес знаеме кои сме, каква била нашата историја. Дознаваме за животите на генерации пред нас, читаме биографии на луѓе кои оставиле белег во историјата на човештвото и тоа што го оставиле зад нив, а било зачувано токму преку перце и мастило и тоа на хартија! Негувајте си го култот кон читање книги, барем прашината што ќе ви ја фаќаат книгите ќе ја чистите со исто толкаво задоволство како кога сте ги држеле во рака сите тие што сега ја красат вашата полица. Поарно да чистите прашина од полици, отколку мозокот да ви фати прашина од неупотреба. Ве уверувам дека мозокот нема да собере прав доколку се дружите со книги.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.