Погледот ѝ беше некаде залутан, истовремено и ладен и отсутен. Што ли ѝ се плеткаше во мислите тој ден, на што ли размислуваше и што посакуваше никој не можеше да претпостави. Изморена од животот и од сè што ја опкружуваше реши дека ѝ е потребен ресет. Мораше да смисли начин кој ќе ѝ го овозможи тоа повторно поврзување со себеси. Секојдневно трагаше по знаци, се обидуваше да пронајде смисла во секој дел од денот и добро се снаоѓаше. Ерика беше од оној тип на девојки кои беа самостојни и снаодливи во секоја ситуација. Но, оваа есен кај неа нешто се промени, нешто се случи што ѝ го заледи здивот. А, никој не знаеше што беше тоа. Гледаше во една точка и се обидуваше да ги поврзе коцките. Нешто не беше во ред. Мораше да бара промена. Знаеше дека ништо не е константно и дека ниедна емоција или состојба не трае вечно. Го погали своето куче нежно притискајќи го во себе, си ја стави косата позади уши со грациозност турајќи си кафе во шолјата истовремено спремајќи му го јадењето на кучето. „Ништо не трае вечно“, повторно си помисли Ерика додека го вкусуваше утринскиот освежителен вкус кое го даваше свежо направеното кафе. Со таква мисла остана долго време, ледениот здив полека почнуваше да се топли зошто беше сигурна дека и за неа ќе дојде лето.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.