„Ајде уште овојпат“, си рече Ведрана и одлучи дека повеќе нема да троши толку пари на облека. „Уште само сега“, посегна по корнетот и одлучи по не знам кој пат дека ова ѝ се последните топки сладолед.
Ведрана знаеше дека некои навики тешко се одвикнуваат. Одлуките што ги донесуваше во животот некогаш ја чинеа многу повеќе од купени пет пара нови чевли. Всушност, тоа им се случуваше на сите околу нејзе. Другарка ѝ не можеше да изброи колку пати му опростуваше на дечко ѝ што не поминуваат повеќе време заедно. Му даваше безброј шанси мислејќи дека работите ќе се променат. Другата другарка се прашуваше зошто постојано го порачува истото кафе во истиот локал иако не ѝ се допаѓа вкусот. Таа се надеваше дека следниот пат вкусот ќе му биде совршен… И така во круг, со многу нешта во животот, и на луѓето околу нас им даваме безброј шанси пред да се откажеме. Пред да речеме “стоп, доста е“.
Ведрана се залажуваше дека тој шопинг ќе биде последниот на кој потрошила толку пари. Сè додека не ја земеше следната плата. Така мислеше додека на излогот не го приметеше прекрасното палтенце кое отсекогаш сакаше да го има. Другарка ѝ неуморно се надеваше дека дечко ѝ ќе се промени. Мислеше дека работите ќе се сменат давајќи си себеси лажна надеж. Таа се плашеше да разговара отворено со него и да се соочат со проблемот во четири очи.
Така и во примерот кај другарката со кафето. Таа не се изморуваше од постојано порачување затоа што се надеваше дека наредниот пат ќе биде погодено. Тоа никогаш не се случуваше затоа што најверојатно ниту дозата ниту видот на кафето кое го користеа во кафулето не ѝ беа по вкус.
Што кога навистина ќе дојде до уморување од постојано давање безброј шанси на некои работи?
Тогаш доаѓа до промена која во повеќето случаи е позитивна. Но на почетокот може да се појават негативни емоции. Прекинот на купување непотребни работи може да доведе до рационално трошење и штедење на парите. Порачување на друг вид кафе може да биде поразлично искуство и шанса за проба на други вкусови. Прекинот со дечкото кој не бил свесен дека девојката покрај него е несреќна може да доведе до запознавање на друга личност која нема да ги прави истите грешки како оние кои причинуваат одбивност и тага.
Земајќи во предвид многу фактори, потребно е многу време за да се откажеме од нешто или некого. Посебно од она во кое сме вложиле премногу напор, време, труд и безброј обиди за да дадеме уште една шанса.
Колку пати си помисли дека е доста да даваш шанси на нешта и луѓе за кои не вредело да потрошиш ниту минута за размислување? Колку пати посака да беше посигурен/посигурна во одлуките без да повторуваш исто однесување повеќепати?
Доколку работите се вистински не би се прашувале дали тоа е вистинскиот избор за нас. Кога не би имале грижа на совест после јадење две топки сладолед, кога не би се каеле за парите потрошени на новиот пар штикли и би уживале во работите без двоумење би биле вистински среќни. Без грижи од постојано себезапрашување дали нешто вреди.
Штом дојде момент за преиспитуваме, кога се фаќаме себеси како постојано размислуваме за истото и му придаваме големо значење значи дека тоа ни ја црпи менталната енергија, Ние мора да одлучиме што ќе правиме понатака. Тогаш, разговорот со личност на која ѝ веруваме пожелно е да биде вклучен. Потоа да се има целосна сигурност во донесување на одлуката која треба да биде донесена самостојно.
За помалку да се измачуваме кога ќе биде доста од повторувачкото однесување кое ни ја гаси среќата, треба мудро да донесуваме одлуки. Пред да се случи повторувачки шаблон кој ќе нè врти во круг од кој нема да можеме лесно да се решиме. Клучот е во одмереноста и правилното донесување на одлуки за кои нема да се каеме подоцна.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.