Skip to content

Цели и задачи на психологијата

Претходно ја кажавме дефиницијата на психологијата (на овој линк може да ја прочитате статијата), сега ќе зборуваме за нејзините цели и задачи.

Која е целта на психологијата? Што се обидуваат да направат психолозите?

105695-103306

Нејзината цел е со примена на научните методи да ги опише, предвиди, разбере и да влијае на однесувањето и на менталните процеси.

ОПИС – Иформациите добиени со научните истражувања им помагаат на психолозите поточно и потемелно да ги опишат психичките феномени. На пример, информациите за зачестеноста на сексуалната активност на студентите без заштита со кондом, добиени со анкетирање на примерок студенти, ќе покаже колкав процент од оваа популација ризикуваат да заболат од сексуално преносливи болести.

ПРЕДВИДУВАЊЕ – Понекогаш, психолозите можат да го предвидат идното однесување врз основа на анализа на минатото и сегашното однесување.  На пример, тие конструирале тестови кои им овозможуваат на работодавците да ја подобрат својата предикција за тоа кој кандидат најдобро би одговорил на барањата на одредено работно место.

РАЗБИРАЊЕ – Ние ќе ги разбереме однесувањето и менталните процеси кога ќе можеме да објасниме зошто се случуваат. Бидејќи сè уште имаме многу што да учиме нашите сегашни објаснувања се секогаш несигурни, односно нашите објаснувања се теории, а не конечни вистини. Теориите претставуваат научни обиди за објаснување на фактите и односите меѓу нив. Како што психологијата како наука напредува благодарение на истражувањата, постојните теории подлежат на ревизии.

ВЛИЈАНИЕ – Психолозите се надеваат дека можат да одат подалеку од опис, разбирање и предвидување на однесувањето и ќе можат да влијаат на него во позитивна смисла. Како можеме да му помогнеме на тинејџерот да ја надмине депресијата? Како да им помогнеме на родителите подобро да ги воспитаат своите бунтовни деца? Кој е најдобар начин за правилно професионално насочување на учениците? Ова се едни од прашањата кои психолозите треба да ги разгледуваат за нивно разрешување.

Често се прави разлика помеѓу теориската и практичната ЦЕЛ на психологијата

Теориска цел е да ги опише и објасни психичките појави и да ги открие причините за одредено однесување кај луѓето и животните. Со други зборови, таа треба да даде одговор на прашањата ШТО, КАКО И ЗОШТО.

Со прашањето ШТО се поттикнува откривањето на психичките појави, односно се сознава што е она што го сочинува психичкиот живот и се дава опис на психичките појави.

Со прашањето КАКО се сознава како психичките појави се манифестираат, развиваат и менуваат под влијание на различни фактори.

Прашањето ЗОШТО помага да се откријат причините за психичките појави и да се толкува однесувањето на индивидуите.

Практичната цел на психологијата е да ги примени во практиката резултатите од психолошките истражувања и со тоа да ги унапреди човековиот живот и работа во многу области: учење, професионална дејност, воспитување, ментално здравје, социјални односи итн.

Напишете коментар