Skip to content

Што е психологијата?

Зборот психологија има грчко потекло и претставува кованица од зборовите психе (душа) и логос (наука). Овај збор првпат е употребен во 1517 год. во делото “Psychiologia de ratione animae humanae“ на хрватскиот филозоф Марко Марулиќ.

Тргнувајќи од значењето на двата збора кои лежат во основа на кованицата, најстарата и веројатно најраширената определба на психологијата е дека таа е наука за душата. Оваа формулација содржи недостаток затоа што се поставува прашањето за природата на душата која обично се определува метафизички,  како основен принцип на животот и нешто што е невидливо и различно од телото.

Дуализмот душа-тело кој долго опстојувал во филозофијата и бил силно поддржуван од религијата, се надминал благодарение на истражувањата во неврофизиологијата кои ја потврдиле тесната врска меѓу психичкото и телесното односно ја откриле органската основа на психичкиот живот.

Една дефиниција за психологијата е: „наука што се занимава со проучување на душевниот т.е психичкиот живот на човекот.“

И оваа дефиниција не кажува нешто повеќе туку само психичиот живот на човекот го изедначува со душевниот, па останува отворено прашањето што е психа или психички живот. Објаснување: психичкиот живот на човекот е многу сложен и динамичен, а го чинат бројни психички процеси, состојби и особини.

1505480944_psychology

Дефиниција

Психологијата денес се дефинира како наука која го проучува однесувањето и менталните процеси. Во оваа дефиниција се содржани три клучни термини: наука, однесување и ментални процеси.

Психологијата е наука затоа што психолозите се обидуваат да го разберат однесувањето на човекот преку внимателни, контролирани опсервации. Инсистирањето да се употребуваат ригорозни научни методи е основа на сите науки, па и на психологијата.

Терминот однесување ги опфаќа сите активности на едно лице кои другите можат директно да ги опсервираат. Кога одите, зборувате, фрлате топака или правите гримаси, вие се однесувате на некој начин.

Терминот ментални процеси се однесува на приватните мисли, чувства и мотиви кои другите не можат директно да ги опсервираат. Пример за ментални процеси се твоите размислувања за тоа како би сакал/а да ја уредиш својата соба.

Повеќето психолози денес вака би ја дефинирале психологијата:

Психологијата е наука која ги проучува психичките појави (процеси, состојби, особини) и однесувањето на луѓето и животните и тие сознанија ги применува за решавање практични проблеми“.

Напишете коментар