Skip to content

Аполон и петте книги

„Овој ден е мој ден“, рече Ведран штом ги отвори очите. Со неговите кафени очи како бадеми сакаше да шара наоколу гледајќи убави видици. Косата му беше црна и кадрава, а телото стројно и силно. Можеби немаше сè што посакуваше, а тоа што го имаше требаше да му биде доволно, но тој секогаш бараше нешто повеќе. Утрото кога се разбуди имаше голема самодоверба и беше убеден дека ќе му се случи нешто убаво.

***

Се најде во купето сосем сам со еден куфер во кој беа спакувани само книги, а облека никаде. Погледна низ прозорот и виде полиња со бели и жолти нарциси насекаде. Не знаеше точно каде се наоѓа, ниту знаеше каде беше тргнал. Се прашуваше зошто спакувал толку книги и го измачуваше стравот од непознатото. Почна да се поти, срцето забиено му чукаше и губеше воздух. Кога најпосле конечно се прибра и беше присебен повторно погледна низ прозорот. Но, не можеше да види ништо освен својот лик. Прозорот беше претворен во огледало. Го гледаше својот плашлив и полн со прашалници лик и никако не му се допаѓаше тоа што му беше претставено спроти себе.

large

Возот наеднаш закочи и од незатворениот куфер испаднаа неколку книги. Ведран ги погледна и почна да ги враќа во куферот, но тоа што го виде го запрепасти. На пет од нив на кориците беше испишано неговото име како автор и насловите му беа сосема непознати, дотогаш ниту видени ниту прочитани книги.

Се изненади и кога прочита: „Секој ден е мој ден“, еден наслов на книгата чиј автор беше тој. Се прашуваше кога ја напишал и не можеше да се сети. За момент помисли дека боледува од амнезија само што ја виде другата книга со наслов: „Во потрага по среќата“ чиј автор беше самиот тој. Ја виде и третата насловена: „Полиња со бели нарциси“ и се потсети на погледот од прозорот. Следниот наслов гласеше: „Во непознат правец“, а автор беше повторно тој како и на сите претходни книги. Атмосферата беше исполнета со коинциденцијата која го исплаши храброто момче. Нарцисите, возот, книгите, патувањето и сето тоа во еден ден кога дознава дека напишал дури пет книги, а патува во непознат правец. „Моето куче Аполон и јас“ беше петти наслов по ред чијшто автор беше тој. Тогаш на Ведран му текна на Аполон, неговото верно куче што го чуваше од мал. Бидејќи немаше браќа и сестри тоа му беше единствено друштво додека растеше. „Штом се сеќавам на Аполон значи немам амнезија“, си помисли. „Зошто не можам да се сетам на сè останото?“

И тогаш се разбуди од сонот.

До креветот спокојно си лежеше кучето кое тукушто се разбуди сеќавајќи го будењето на својот газда. „Ама е сончево утрово“, му рече на Аполон, го погали по главата и му стави храна во чинијата. „Ќе биде ова убав ден“, си помисли Ведран. Не дозволуваше да биде оптеретен со сонот што го сонуваше изминатата ноќ, но уште се прашуваше како можеше сè да му изгледа така реално. Да не му беше желбата за пишување присутна, да не посакуваше еден ден да напише книга, можеби и поинаку би гледал на тоа што го сони. Неговата желба исполнета дури пет пати – реалност за неверување, беше само дел од потсвеста со која сонот си поигруваше.

„Овој ден сепак ќе биде мој“, си помисли Ведран по трет пат додека го гледаше Аполон како спокојно ја дојадува храната. Неговото куче го научи што значи доверба, преданост и покора. Не само што го научи на ова туку и на ред, дисциплина и одговорност. Ведран често знаеше да каже дека доколку не беше Аполон, неговиот живот немаше да има никаква смисла. А, тој често трагаше и по среќата. Се прашуваше зошто некогаш нè обзема длабока тага, дури и кога не постои причина за тоа. „Причина секогаш мора да постои“, сепак заклучи.

Уште како дете се интересираше за многу длабоки, филозофски прашања и мечтаеше да пронајде одговори за сите нив. Тоа што го виде својот одраз во прозорот кој беше заменет за огледало имаше значење за него кое велеше дека тој се наоѓа пред некоја одлука и дека е насочен и размислува за својата внатрешност, состојбата на неговата душа и природа. И навистина беше така затоа што Ведран се наоѓаше исправен пред многу животни предизвици.

Патувањето во непознат правец имаше многу значења. Секогаш постојат непредвидли патеки кои не знаеме каде ќе нè одведат. Патиштата по кои чекориме нудат безброј можности, но имаат и пречки кои се тешки за прескокнување што нè учат на животни лекции. Сепак наше е да продолжиме да чекориме.

Самодовербата и оптимистичниот дух на Ведран ова утро победија иако пред него имаше уште многу патишта и пречки за поминување.

***

После дест години напиша токму пет книги кои имаа наслови баш како во сонот. Натписот во најпродаваниот весник во земјата гласеше: „Книгите на Ведран Ведрански преведни на повеќе од три странски јазици од кои едната е бестселер“.

large2

Напишете коментар