Skip to content

Дали најдобрите приказни се кријат на дното на шишето?

„За да постои уметност или било каков вид на естетска активност, неопходен е одреден филозофски предуслов – интоксикација“.

Со изјавата на Ниче сигурно би се сложиле, а со тоа и наздравиле многу уметници – Буковски со виски, Едгар Алан По со коњак, Фицџералд со џин, Хемингвеј со мохито или рум (во зависност од фазата). Понатамошното набројување на имиња би било подогло, што ја потврдува врската на зависноста и креативноста како стереотип колку и концептот „лудиот гениј“.

Низ историјата супстанцијата се менувала. Да тргнеме од опиумот кој што кон крајот на XIX век бил лесно достапен и употребуван за поттикнување на креативна инспирација (Лорд Бајрон, Чарлс Дикенс, Џон Китс, Модилјани, Перси Шели…), преку „Клубот на љубители на хашишот“ во Париз кој го создала елитна група на француски ументици вклучувајќи ги и Бодлер, Балзам, Александар Дим, Флобер. Овие француски уметници еднаш месечно се состанувале за да го проучуваат влијанието на дрогата врз креативноста. Меѓутоа, дали навистина дошле до било какви реални откритија, во јавноста не е познато.

Почетокот на ХХ век уметниците се вртат кон алкохолот, посебно американските писатели како Едгар Алан по, Џек Лондон, Фокнер, Хемингвеј, Труман Капоте, Керуак, Шо. Од сите американски писатели кои добиле Нобелова награда, 70% биле алкохоличари. Познати глумци алкохоличари се Бастер Китон, Хамфри Богарт, Елизабет Тејлор, а од акутелните денес, Роберт Дауни Џуниор.

Во втората половина на ХХ век, кога на сцената настапуваат џез и рок музичари, делува дека улогите на музите ги преземаат различните видови на дрога, додека алкохолот и понатаму најмногу се поврзува со пишувањето. Таа асоцијација е евидентна и во некои нови филмови каде главните јунаци писатели со едната рака куцаат, а со другата држат чаша виски („Secret Window“ или „Black Butterfly“).

Дали алкохолот навистина е магичен раствор кој ги поттикнува креативните способности или е во прашање плацебо ефектот, самоисполнувачко пророштво или заблуда?

Професорот Торстон Норландер, професор по медицинска психологија на Каролинска Институтот, ги сумирал сите досегашни сознанија и резултати од истражувањата на оваа тема. Имено, заклучокот е дека умереното конузмирање на алкохол ја оштетува и ѝ пречи на припремната фаза, фаза на илуминација („аха доживување“) и фазата на верификација (кога се проверува дали решението до кое се дошло е навистина правилно). Овие фази на креативниот процес се засновани на секундарни процеси.

Според психоаналитичката теорија, секундарните процеси се оние когнитивни процеси кои зависат од контактот со реалноста, а тоа се помнење, учење, мислење… Во таа смисла, очекувано е дека умерена доза на алкохол ја кочи креативноста така што им смета на свесните процеси – концентрација, истражување, планирање, иницирање и процена на работата.

Од друга страна, умереното пијанство ги поттикнува активностите кои се засновани на примарните процеси, што е всушност креативна фаза инкубација/созревање – период кога не мислиме свесно на проблемот ниту вложуваме било каков напор – ги пуштаме несвесните процеси да го одработат своето. Примарните процеси да речеме, стојат во основата на работата на сонот и не зависат од реалноста. Во склад со изреката „in vino veritas“ излегува дека нас алкохолот нè поврзува со длабинските аспекти од нашата психа.

Психоаналитичарот Ернст Крис, кој уметноста ја претставил низ концепт „регресија во служба на егото“, верувал дека креативниот процес се состои од две фази – инспирација која ја создава содрижината на делото, и елаборација чија цел е да го преведе делото во форма која може да биде во комуникација со другите, што и всушност е суштината на уметноста. Во склад со заклучоците на Норландер, алкохолот ја поттикнува фазата на инспирација со која доминираат несвесни процеси додека ја закочува фазата на елаборација во чија позадина стојат клучните свесни процеси. За процена на влијанието на алкохолот врз креативноста често се користи Тест на далечни асоцијации (Remote Associates Test).

Така, еден тим на истражувачи го задал овој тест на две групи испитаници кои конзумирале и кои не конзумирале алкохол. Задачата била од три понудени реченици да смислат четврта која сите неочекувани ги поврзува. Да речеме, „стадо“, „волк“, и „рало“, а еден од точните одговори би бил „овца“.

Истражувачите дошле до наоди кои говорат дека испитаниците кои пиеле алкохол побрзо го решавале овој проблем и нуделе покреативни решенија. Објаснувањето во еден дел е тоа што алкохолот им овозможил за информациите да размислуваат на еден нов, дифузен и необичен начин, поттикнувајќи спонтани креативни процеси наспрема контролирани (повторно свесни).

Резултатите сепак не се доволни за да се заклучи дека алкохолот ја поттикнува креативноста, посебно имајќи во предвид дека испитаниците конзумирале умерена доза на алкохол (и тоа пиво). Како што велат и самите истражувачи, тестирале „што се случува кога луѓето се поднапиени, а не пијани“. Сепак, вниманието и планирањето, способности кои опаѓаат под умерено дејство на алкохол, изгледа дека овозможуваат побрзо да се дојде до иновативни решенија. Премногу алкохол сепак ѝ штети на продуктивноста, но чаша вино за време на  работна задача може да биде од помош.

Многубројни истражувања го потврдуваат „плацебо“ ефектот – поточно, дека реакцијата на испитаниците кои верувале дека пијалокот е алкохолен однапред одговарала на одредени очекувања.Испитаниците кои не знаеле дека пијат безалкохолно пиво, го преценувале своето креативно постигнување. Алкохолот може да биде и причина зошто и уметникот губи на тестот на реалноста и не умее да го претстави своето дело на прав начин.

Се подразбира дека будењето на креативноста и рушењето на креативните блокади не се единствени причини поради кои уметниците се свртуваат кон флашата.

Животот на уметникот бара изолација, бегство од секојдневието, изолација од стресот, што неминовно доведува и до осаменост и барање поддршка на дното на шишето.

Хемингвеј верувал дека поголемиот број на американски писатели станувале алкохоличари поради амбиваленцијата спрема сопствената уметност. Имено, од една страна сакале низ својата работа да досегнат до бесмртноста и да станат големи ументици, додека од друга страна сакаат да се збогатат и да станат славни. Иако не знаеме зошто овие две страни не би оделе рака под рака, фактот е дека алкохолизмот од почетокот на ХХ век коиндицира со можноста писателот да стекне големо богатство и слава. Стресот и притисокот од слава може да ги води кон зависност.

Дека врската на алкохолизмот и уметноста не е романтична колку што понекогаш делува сведочат многубројни случаеви кога зависноста ја одзела креативната инспрација, а на крајот и животот. Џексон Полок, американски сликар кој пред крајот на животот потполно му се предал на алкохолот, загинал во сообраќајна несреќа кога бил под дејство на алкохол скршнал од патот и удрил во дрво. Били Холидеј починала од цироза на црниот дроб, Ејми Вајнхаус од труење со алкохол.

А, дека не е сè така црно сведочи подолг список на уметници кои никогаш не биле зависници, а креативна инспирација сепак не им недостсувала. Алкохолот не е ниту нужен, ниту неопходен услов за креативност. Но, и повеќе не е толку модерен.

Reference:
Benedek M, Panzierer L, Jauk E, Neubauer AC. (2017). Creativity on tap? Effects of alcohol intoxication on creative cognition. Consciousness and cognition 56:128-134.

Knafo D. (2008). The senses grow skilled in their craving: thoughts on creativity and addictionPsychoanalytic Rev. 95(4):571-95.

Напишете коментар