Сите ние понекогаш велиме: Постојат и добри луѓе. Тоа го мислев и јас и иако грешев во формулирање на реченицата, затоа што повеќето се добри, а не лоши луѓе, потоа долго размислував за сето тоа.
На таа мисла ме наведе млада жена во собата за инфузија, каде што бев сместена на две недели поради голема настинака од провев.
Еден ден кога влегов во просторијата таа ми рече дека го чувала најдобриот кревет за мене, си спомнала, дека тука секој ден лежам околу три саати.
Самата се беше сместила во друг не толку удобен кревет, од кој како и од другите, одвреме – навреме се слушаше негодување.
Се изненадив, се познававме од тука и имавме разменето по некој збор. Реков само „Многу ти благодарам “, зашто бев по малку збунета и вчудовидена од оваа несебична постапка. Откако замина, останав сама.
Беше рано студеникаво мартовско утро. Во ходникот ги гледав и слушав чекорите на сестрите, прегледите на пациентите кои со своите зборувања делуваа смирувачки на мене и по некое жално плачење на дечиња.
Со време креветите се исполнија и секој беше со своите мисли, освен стариот Богдан кого повремено го среќавав. Неговото име го запомнив, бидејќи постојано на нешто се жалеше и иако беше предупредуван малку да молчи, тој сепак продолжуваше со своите поплаки.
Помислив, колку многу зборуваат старите луѓе, можеби поради недостигот на внимание со кое се опкружени, па сакаат со нешто да се издвојат. А, до мене човек кому ништо не му пречеше долго и силно ‘рчеше. Тоа ме потсети на не толку дамнешно време во истата болница, каде повозрасен господин поставен на зрачење со перниче ‘ рчеше на креветот петнаест минути колку што му траеше терапијата.
Тука времето вообичаено ми поминуваше исто, но и различно, во зависност од тоа како и каде го насочував умот, од мојот внатрешен монолог со видокругот кој беше мал. Често погледнував во течноста на шишето, а потоа ја вртев главата, зашто така не постигнував ништо, со сè подолгото гледање таа остануваше иста. Во мислите ја кажував молитвата, која тешко ми одеше, како и читањето на книшките кои ги имав замено.
И секогаш по малку ми студеше иако беше топло, затоа што сé ми личеше на стиденило, па се покривав со ќебе. Со тоа што забележував сè, со погледот барав прашинка или мала пајажина што виси на некое ќоше. Но, залудно. Потем повторував во себе „ Ми се смачи веќе, ми се смачи…” Меѓутоа, исто тека не сакав да бидам летаргична, па се свртував кон прозорецот од каде што можев да видам: неколку сиви покриви од згради на кои веќе не им обрнував внимание; и дрво на слива, чија една половина беше расцутена, а другата со соголени гранки.
Во ретките денови кога сонцето се појавуваше и сè блескаше, тоа ме наградуваше со чудесна глетка.
Ќе се загледав долго во испреплетените гранки и тие се преобразуваа, добиваа форми, создавајќи некаде неправилни рамки во кои беа врамени сино- бели облачиња и цветови развиорени од ветрот.
На тоа дрво слетуваше по некоја страчка, за подоцна и повеќе од нив со раширени крилја да се бркаат меѓу себе. Во мислите го нареков дрво на страчките, со желба да ги привлечам, да ми бидат дружба. Но, тие брзо се извишуваа. Понекогаш, погледот ми беше стеснет поради исполнетоста на пациенти. И повторно и повторно ги гледав капките кои паѓаа во оросената епрувета, сакајќи нешто да смислам за нив. А гледав само испакнати меурчиња што светкаат, без никаков шум, без тик – так да прават.
Тогаш, затоа што бавно ми минуваше времето, солзи ми навираа.
Се поистоветував и ги имитирав капките што течеа во мене за да го скратам времето. Слични ми беа и едните и другите, така ми се чинеа.
А знаев – ќе ми биде подобро.
Автор: Лидија Стефановска