Колективна свест, социјална пракса, стандардно, нормално, просечно, изнајдовме толку поими кои требаше да ни го олеснат функционирањето во општеството, а појаснувајќи ја големата слика ја изгубивме суштината.
Се изгубивме себе си трудејќи се да се допаднеме на општеството.
Коленичејќи истото да нè прифати, толку се мачевме да докажеме дека сме различни, дека сме поинакви од толпата, што го извалкавме и релативизиравме и она вистинското различно во нас. Заслепени брзаме во општествената трка, газејќи ги послабите од нас, очекувајќи туѓи признанија за достигнувањата кои никогаш нè не направија целосно среќни. А општеството никогаш нè не праша дали чувствуваме, туку дали разбираме.
Нè не праша дали сакаме, туку дали можеме.
Нè научи да трчаме, да грабаме онаму каде што наводно етиката и емоциите се непотребни, да се докажуваме, да лажеме за да добиеме на вредност, да се плашиме од сенки на влијателни луѓе, да молчиме и потиснуваме во себе само за да се вклопиме во општоприфатените норми на однесување.
Нè научи да ги градиме туѓите соништа, убедени дека ние не заслужуваме да сонуваме. Да веруваме во идеали кои не ги почитуваат дури и оние кои толку убедливо ги всадија во нашите млади глави. Општеството нè натера константно да се анализираме и критикуваме себе си, поставуваме високи стандарди, а потоа гинеме за да ги достигнеме мислејќи дека тогаш ќе бидеме слободни и задоволни.
Нè натера да веруваме во туѓото мислење за нас повеќе и од сопственото кое треба да е извор на сила кога модерниот човек останува наполно сам, а тоа воопшто не е ретко.
Нè натера да се сомневаме дека сме себични, суетни или несвесно посакуваме признание и слава, дури ѝ тогаш кога од најсиров хуман порив сакаме да направиме добро на оној кој не може да ни возврати. Станавме пресметани личности, бараме логика во чувствата иако знаеме дека се антагонисти. Нашите несигурности станаа стравови кога дозволивме јавното мислење да ни стане важно.
Живеејќи по туѓиот пример или убедени во сликата за себе си, која многу често не ја создаваме самите, туку е неостварена желба на нашите родители, ја закопавме сопствената визија за која вредеше да се живее.
Животот ни поминува заработувајќи за ситници од кои радоста бргу ни поминува. Секојдневно слушаме за општото добро, за подобро утре, за заедницата, но само ако заедницата навистина веруваше и се трудеше онолку колку што зборуваше за алтруизмот и подобриот живот, одамна ќе бевме целосни суштества и немаше да ја бараме среќата онаму каде што најмалку ја има. На светот му е доста од оние кои знаат да говорат моќно, но не знаат да слушаат. На светот му е доста од оние чии реченици почнуваат со “кога би” и “ќе”, од оние чиј речник се сведува на “разбирам” и “прифаќам”.
На светот му се потребни повеќе луѓе-извори и луѓе-фенери.
Првите се оние кои ги учат децата да чувствуваат со цело срце и да мислат со сопствена глава.
Ги учат и да гледаат со туѓи очи, очите на исклучителните луѓе од минатото најчесто писатели или научници, но само за да разберат, само за да дознаат повеќе. Свесно поставуваат загатки во малите главчиња, за да создадат трагачи, да создадат луѓе кои ќе веруваат дека вистината постои, дека правдата е достојна. Вторите се оние кои нема да ви го покажат патот, туку со својата светлина ќе ви помогнат самите да го пронајдете сопствениот пат.
Тоа се луѓето кои ќе ви дозволат да бидете свои во општеството кое профитира од вашите стравови.
На општеството му треба повеќе од оние кои не веруваат во класи и системи, првила и прописи, нации и поделби по различни основи.
Од оние чии срца не се депонии на туѓите комплекси и неостварени соништа, оние кои веруваат во љубовта кон `се што лета и лази. Обично тие се луѓето кои го менуваат светот, без да ги тешат сопствените неуспеси со општествените пропусти.
Автор: Јована Јаневска