Погледнувам на календарот, јуни, прва половина. Погледнувам низ прозорецот, ноември, есен. Времево побудалело. Не знам кој е полуд, времето или луѓето. Тоа од нас, или ние од него. Дефинитивно нешто не е како што треба.
И станува главна тема на муабет. Во автобус две женички, ја составуваат прогнозата за денот. Дома, на научилиште, дури и во такси стана приоритетна тема. Со другарка ми на училиште читаме временска прогноза и меѓу себе коментираме. Наидовме на информација дека демек цело лето ќе е вакво, врнежливо, облачно, ќе нема лето де. И во последниве неколку дена од неколкумина ја слушнав истата информација.
“-Еј слушна цело лето ќе е вакво, се испорасипа времево бре! – Ќе врне и цел јуни и јули, така кажаа.” И се сетив на нешто. Нешто што ме тера да ги затворам очите, да си речам-која идиотка сум јас.
Ах, колку будалесто од моја страна, кога само ќе се сетам, ми доаѓа да се отвори земјата и да ме голтне. Не знам дали се сеќавате, пред околу 10, а можеби и повеќе години, исто така се појави информација дека цело лето ќе има врнежи од дожд, со грмежи со град со чуда.
Ама цело лето, до пладне ќе пече и после цел ден и цела вечер ќе истура.
Беше исто вака мај, јуни, времето не се поправаше и оваа информација се рашири толку брзо, како кога комшиката дознава за твојата нова врска.
И леле, сите, па како, па зошто, секој со својата мака.
Секој што му пречи дождот, го преколнуваше да не врне.
Јас драги мои, паднав во таква депресија што не можев да прифатам дека ќе врне цело лето! Мислам, цело лето! Неее! Можете да замислите (и тие што не можете) јас тинејџерка, со бубачки во главата, пеперутки во стомакот, одвај чекам распуст да дојде и да дојде ЛЕТО! И сега, ќе врне!
А за првпат ова лето ќе имам излез до покасно, за прв пат ќе одам на некои места каде што не ме пуштале досега, а тоа ќе врнело цел ден и цела ноќ! Незамисливо! Неприфатливо! Не е можно! Па сите тие фустанчиња, сите кратки (прекратки) панталончиња, зар ќе останат неизносени! Не, не!
Ова не ми се случува мене, ова е само лош филм кој ќе заврши, сон од кој ќе се разбудам! Знам, и јас си го мислам сега истото, како само можев да помислам дека тоа е причина за несреќа. А сега, со сè што ми се случува, кога ќе помислам на тоа, уф дал да плачам или да се смеам. Па во истовреме плачам и се смеам, ама горчливо.
Ееј тогаш, со денови размислував за тоа, кроев планови, ама не, што е до пладне, што можеш да направиш, па сите мои врсници спиеја до пладне па и до попладне, јас никогаш не сум спиела до доцна.
А после пладне нели почнуваат овие монсуните!
Па за што е слободно лето, ако цело време врне. Ако не можеш да се дотераш да ја испеглаш косата… ауу дождот е најголем непријател на косата.
Посебно пеглана. Да облечеш фустанче и да се фрцкаш, сандали, лакирани нокти и очила за сонце.
Ахх какви очила на дожд! Јас при здрава свест и разум мислев дека тоа е најстрашната работа што може да ти се случи. Мислев тоа е крај на светот, нема полошо. Како ли само можев да помислам такво нешто? A сега, сега гледам низ прозорецов и сеедно ми е дали ќе врне, денес, утре, па и цело лето.
Сега би менувала цело едно лето со дожд, за еден ден сонце на некои луѓе на кои постојано им врне во душата. Би менувала цело дождливо лето, за еден зрак сонце во очите на мајка ми. Би го жртвувала секое лето, до крајот на животот, а во замена за тој дожд, секој ден порој од љубов да ми врне.
Би дала и ден и ноќ со поплави од дожд со денови без престан, само да ме потопи спокој и мир во душава. Би ги менувала сите неба,со облаци темни, за едно светло утро кое ветува надеж. Цел живот нека врне без престан, само да заборавам што ме боли, на срцево да си олеснам.
Сега, низ прозорецов кон небото гледам и се прашувам, надвор ќе врне или во душава моја? Не, не врнеше тоа лето…
Автор: Фросина Паскоска