Денес е убав ден за прошетка.
Мојата Малтезер пудлица Луси како да ми ги прочита мислите и почна да поскокнува пред влезната врата. Го облеков своето ново пончо за да не ми пристуди додека шетаме низ густата шума.
Додека си ги облекував патиките Луси скокаше околу мене и неуморно ме туркаше со своето тело. Го земав ременот и пробав да и го наместам околувратникот, бидејќи онака одврзана ќе немаше да можам да ја вратам дома. Се боревме десетина минути во тесното претсобје и конечно успеав да ѝ го наместам. Бев целата испотена како да се борев со некоја голема мечка.
Конечно излеговме надвор. Ветрот ми ја бушавеше косата, како да сакаше да издвојува победа над се што се движеше. Од едната страна Луси силно ме влечеше кон паркот, а од другата страна ветрот ми го креваше пончото преку лицето и не ми дозволуваше да го гледам пред себе патот по кој буквално трчавме.
Луси конечно се смири, сега шеташе полека до мене кон тесната патека.
Се слушаше само шушкањето на сувите лисја под нашите нозе.
По некоја верверица ќе претрчаше од едно на друго стебло и ќе ѝ го одвлечеше вниманието. Одненадеж се слушна лаење на куче и Луси застана.
Со начулени уши го следеше звукот,а потоа почна да ме влече кон него.
Колку и да пробував да ја повлечам кон себе за да ја успорам, таа сè посилно ме влечеше напред. Веќе не одевме по одамна направената патека, туку преку густите грмушки..Веќе не гледав каде стапнувам, бранејќи се од густите гранки кои ме шибаа по лицето. Ременот го намотав околу зглобот на мојата десна дланка само за да не ја испуштам.
Наеднаш се сопнав од коренот на едно дрво и се спружив во калта.
Со тоа го успорив нејзиното движење, но не престануваше да скока кон далечниот лаеж. Одвај станав и онака залепена со кал и суви лисја на себе повторно почнавме да ја сечеме шумата. Излеговме на една ледина на која се играше голем доберман со неговиот газда. Никако не можев да успеам да го одмотам проклетиот ремен од својата рака.
Наднаш Луси ме повлече и се турнавме кон нив. Со сета сила го бутнав човекот на земја, а јас онака префрлена преку него со ременот на рака како да сакав да го задавам човекот. Успеав да ја одмотам раката и да ја ослободам Луси зошто врзана ќе немаше можност да се одбрани од големиот доберман, но таа почна да скока и да се игра со него. Дури кога се уверив дека нема опасност од него пробав да станам и да го ослободам човекот од мене, но не ни сетив кога тој со двете раце ме стиснал до себе. Сега повторно како да бев заплеткана, но со жив ланец околу мојата половина. Неговите очи магично гледаа во мене.
Пуштете ме, јас несакајќи ве турнав!!
Тогаш ја здогледав под себе најубавата насмевка.
Мене не ми пречи, баш ми е убаво вака, патем јас сум Бојан.
Ако не ме пуштите ќе почнам да врескам!!
На тие зборови ги олабави своите раце и успеав некако да станам.
Ја фатив Луси за ременот и побрзавме да избегаме од нивниот видокруг.
До дома за чудо Луси не ме влечеше туку го успоруваше својот чекор и сега јас бев таа што мораше неа да ја влече. Пред да влеземе Луси залаја, а од далеку се слушна лаежот на доберманот. Стоеше со својот стопан и гледаа кон нас.
Веднаш влегов во тоалетот за да се измијам..Кога се погледнав во огледалото се фрапирав. Лицето ми беше сето со кал, а косата разбушавена и полна со трева и заплеткани суви лисја. Одвај го соблеков пончото и мокрите алишта од себе и долго се капев.
Утредента пред вратата ме чекаше изненадување. Во убаво спакувана кутија се наоѓаше нов ремен кој се ставаше на целото тело од кутрето и воопшто не го затегаше вратот. Под него беше малото писменце.
“Ве чекаме денес на старото место, се надеваме дека ќе не удостоите со вашето присуство.”
Веднаш ѝ го наместив ременот и тргнавме. Сакав да му се извинам на човекот кој сигурно не спиел од кошмари кога ме видел врз себе онаква никаква.
Додуша ниту јас не можев да спијам убаво мислејќи на онаа убава насмевка и тие продорни очи. Сега ја облеков потенката јакна, а косата ја врзав во репче.
Нели не се прави истата грешка два пати?
Оддалеку ги гледавме двете фигури кои се играа на ледината, со една стара топка. Кога нè приметија ја прекинаа својата игра и се упатија кон нас.
-Здраво, јас сум Снежана!
-Знам!
Извинете за предходниот ден, имав ужасна незгода пред средбата и не ми беше до шега. Ви благодарам за ременот, за чудо не се бунеше кога ѝ го местев.
А од кај знаете како се викам?
-Одамна ве имам приметено тука, но немав можност да ви се доближам.
А, кога нешто треба да се случи, ќе се случи, сакале ние или не.
*
Денес е убав ден за прошетка..
Предходната ноќ навеа многу снег, а утрово сонцето ги рефлектираше своите зраци во белите напластени снегулки. Луси и доберманот Волф, тажно гледаа преку стаклената врата на терасата. Но, јас сум веќе во деветиот месец од бременоста и не смеам надвор по ладното и лизгаво време.
Ќе мора да се стрпат додека не си дојде Бојан од работа и да ги прошета.
Се покрив со мекото ќебенце и со тивка музика пробував да дремнам малку. Преку ноќта во последно време не можев да спијам од малите ноџиња кои се растегнуваа во мојата утроба. Како да сакаа порано да излезат и да го осознаат светот.
Луси почна да цимоли и да ме допира со муцето по стомакот.
Помислив дека сака да се гали и ја допрев со раката по главчето.
Но, таа не престануваше да цивка и да ме допира нежно.
Наеднаш добив силна болка, дојде времето за да се појави новиот член на фамилијата. За неколку минути дојде и Бојан од работа и кога сфати дека е дојдено времето за породување почна да се врти во круг барајќи ги клучевите од колата кои веќе му беа во рака.
*
Денес е убав ден за прошетка.
Го земав во раце мојот син Лука и излеговме надвор.
Луси и Волф веќе не морав да ги врзувам со ремен бидејќи не се одвојуваа од синчето.
Првите кокичиња веќе расцутеа и како мали бели туфнички беа распослани по ледината.
Тревата не беше сè уште доволно порасната и можеше да се чекори по меката постела. Лука ги гледаше Волф и Луси како се бркаат и почна да се влече кон нив. Морав да го држам под двете рачиња за да не ми испадне додека весело им се смееше правејќи ситни чекори кон нив. Со уморен чекор се движевме кон нашиот дом следени од нашите верни чувари.
Сите бевме гладни и побрзав да им ги наполнам чиниите.
Откако се роди Лука кутрињата мораа да живеат надвор во своите куќички.
Алергијата кај Лука беше пресудна и бевме приморани да ги одвоиме од нашето живеалиште.
Утредента излегов за да ги нахранам.
Луси лежеше во својата куќарка свртена со главата кон внатре.
-Ајде станувај моја бела туфно, цела ноќ лаеше, а сега сакаш целиот ден да го преспиеш!?
Ѝ го погалив бушавото и бело крзно, но телото веќе ѝ беше скочането. Веднаш ја извлеков кон себе.
Беше доцна за сè .Од устата ѝ излегуваше жолтеникавата течност.
Очито беше отруена.
*
Денес е убав ден, но не и за прошетка
Со едната рака го држев синот, а со другата ги стегав белите кокичиња.
Одевме позади нашата куќа за да го украсиме вечниот дом на Луси.
Автор: Снежана Дичиќ Велковска