Се сеќавам, беше лето. Сонцето рано излегуваше од зад гребенот на планината и со своите зраци ги галеше лицата на уличните минувачи. Август, топло, загушливо. Од топлиот сончев бран уште од далеку можеше да се забележат капки пот на лицата од минувачите. Но, мојата пот се мешаше со солзите кои течеа низ лицето тој ден. Помина една година, но сè уште болат сеќавањата кога те оставивме во болница. Беше сам во соба онаа ноќ. Со татко ти седевме онолку колку што ни дозволија. „Што ќе правам цела ноќ сам во оваа болничка соба, мамо“ – ми рече. А мене срцето ми се кинеше, сакав да останам со тебе, да бидам до тебе. Да те прегрнам, а ти да заспиеш на моите гради како тогаш кога беше бебе. Но, не ми дозволија. Толку цврсто те гушкав таа ноќ, не сакајќи да се разделам од тебе. Кога светлината ќе го здогледа денот и сончевите зраци ќе ти ја осветлат собата, јас ќе бидам покрај тебе – ти реков.
Колку години и да поминат ми се чини дека никогаш нема да ја заборавам таа слика, тој миг кога влегов во собата сакајќи да те прегрнам и бакнам пред операција, а наидов на празен кревет. Ми се стемни пред очи, црни мисли ме совладаа. Почнав да викам: „Каде е син ми, каде е“? Се појави една од сестрите и ми рече: „Не паничете госпоѓо, син ви го однесоа на операција.
Се ќе биде во ред“. Тогаш се појави докторот што требаше да те оперира.
Ни рече да ја напуштиме болницата, да одиме некаде, било каде и после два часа да се вратиме. Талкавме низ скопските улици, чекоревме по жешкиот асфалт онака без цел, со погледи вперени во далечината.
Молчевме и без збор да кажеме чекавме да дојде часот. А кога стрелките на часовникот го покажаа времето повторно се најдовме на истото место.
Влегов во соба и пак празен кревет.
Сестрата веднаш ми пријде. „Почекајте, сè уште е во операциона сала, уште не е разбуден“. Не можев да издржам. Солзите капеа по моето лице, почнав да се гушам. „Зошто што се случи“? Поминаа три часа како чекавме, а од тебе ни трага, ни глас. И наеднаш нешто ме просветли. Те видов тебе сонце мое.
Те носеа во количка. Се разбуди јунаку мој. Во тој миг те гушкав силно, те бакнував насекаде. Се обидував да ги скријам солзите од тебе, но не можев. Беше тоа посилно од мене. А ти ми се насмевна и ми рече: „Не плачи мамо, помина“. Ах, јунаку мој! Кое мајкино срце би издржало да го види своето чедо во болнички кревет, истоштено, со болки во телото, а да не заплаче.
Агонија на немир и болка в душа ми се вгнездува……. Не можам………………..
Ќе застанам тука……… Нема да продолжам……. Зошто секој миг сеќавајќи се на оној ден е пропратен со солзи на очите……. Боли……. Многу боли……И спомените болат.
Автор: Габриела Костадинова
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.