Ми се закочуваа нозете, ми се заплеткуваа во енормниот чекор што го опружував од едно во друго тело. Ми се трупаа неминовни крици, околу патот, црн, никогаш незачекорен. Ми доаѓаше да се насочам на лебдење пред било кое време, пред било кое место без гравитација. Ми клапнуваше кичмата пред секој обид да се наведнам, да си помогнам, да ги ослободам чекорите од дебелите ортоми во кои беа врзани, беспомошно. Само очите можев да ги движам.
Можев да набљудувам, да апсорбирам секаква информација од околностите. Паѓав во безнадежност, во бездни, во самици. Само паѓав… и паѓав…
Наеднаш надеж ми враќаше зеленилото што никнеше од сржта на земјата.
Му го чувствував скокотот шо ми го пружаше со корењето.
Ми будеше насмев секој нареден допир на недопрената природа.
Само очите ги превртував додека го чувствував неразбуденото од земјата, она што сонце не знае што е, а секогаш е топло и разгрането.
Во секој момент на допир безгласно му се колнев на светост, без да испуштам крик го молев за помош. Го молев како што Бог во Неделите го молам за подобро утре, за дом, како што го молам за безсрамните, за непријателите, за болните, за децата невини… Го молев преку жуборот на реката што секундарно го оттурнуваше од себе се она што како отпад му се гледаше.
На секоја молба, на секој колнеж ме наградуваше со допир. Допир каков што никогаш човек на човека не може да му пружи. Допир каков што во последните соништа доаѓа, кога споменот се враќа на родното место, онаму каде што пепелта му останала не разнесена од ниту еден ветер, не згазната од ниту едно суштество. Му ја чувствував длабоко пораката, му ја величев моќта копнена и не прастанував да молам: “Приземни ме. Дозволи ми да одам. Дај ми ново тело, тело што нема да страда, нема да чувствува болка, тага и очај. Додели ми ново тело без лузни, само насмевки нека има.” Никаков глас не се слушаше од другата страна. Тоа беше мојот стоти монолог кој умираше од надеж за одговор на сите молби. Беспомошноста почнуваше да ми го надвладува секое парче од надежта за селидба во новите тела. Ми клапнуваше снагата на секој нареден обид за споделување информација. Ја немаше ни надежта што ме држеше врзана за едното место. Тонев, тонев како што се потонува во последни зборови, во последни кажани желби.
Виор. Слушнав глас: “Те осудувам на вечен живот, те осудувам на љубов човекова, духовното никогаш да не го спознаеш. Да одиш вечно по земјата без радост, без болка, без тага. Само насмевка да имаш на лицето, а ништо да не чувствуваш.” Одненадеж ветрови ме поткренаа, ме издигнаа високо над земјена обвивака. Ме носеа, ме префрлуваа де угоре, де удолу.
Ми го измачуваа последното тело што го носев на плеќи како товар наметнат.
Ме плеткаа низ воздушни честици со векови, безвременски.
Ме носеа кон крајот. Кон крајот на самиот почеток. Спуштив поглед надолу.
Ми изумре секое делче што го собирав за колекцијата на безсмртноста… гледав, а сакав да ги затворам очите како што обичен смртник умира, како куче скитник што на студовите незаштитено се смрзнува… Го гледав корењето како над земја ме крева, како умира за егото да ми го нахрани. Како испушта радост, како оддава жртва за суетата моја. Го гледав како умира, а јас живнувам. Ми вдахнува човечност. Се суши и ме враќа на земјено тло. Со тело оформено без чувства човечки, без тага, без љубов и воздишки. Ме проколнува вечно за него грижа да носам. Да се чувствувам како воздух му должам и мрак да да ме поклопува на земјата човечка.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.