Skip to content

За еден чекор

Седевме во кафуле со опуштена атмосфера. На масата се зборуваа теми кои не ги следев многу бидејќи бев оптеретена со моите мисли. До мене седеше тој со главата навалена на моето рамо. Молчевме во нашата заедничка тишина спокојно седејќи припиени еден до друг како ништо да не допира до нас додека останатите беа задлабочени во разговорот и пиењето на пијачките.
Тој ќе се вмешаше повремено во разговорот и повторно ќе се навалеше над моето рамо и повремено си поигруваше со прамените од мојата коса.
Сето тоа ми изгледаше нестварно, како да не ми се случува мене, истовремено ме збунуваше. Во еден момент посакував вечно да бидеме во таа положба,  а во следниот се прашував од каде му е толкавата слобода да ми навлезе во личниот простор толку вешто. Сигурно си мислел дека ми годи штом не се бунам.
И ми годеше, да бидам искрена. Се чувствував посебна затоа што покрај сите други присутни со нас во групата, тој одлучи да си ја потпре главата на моето рамо, што и да значеше тоа. Некој би рекол дека е флерт, некој дека е крајно непристојно доколку не сте заедно, а некој би рекол дека е обично покажување на посебен вид блискост и ставање до знаење: „еј, ми значиш и ова е мојот најдобар начин да ти го кажам тоа (дури и да е само еден од чекорите побрзо да те однесам во кревет!)“. Што има лошо некој да сака да те однесе таму?
Па, нели таму е најудобното и најтополото место на светот?
Што и да значеше тој момент во тоа време ми остана врежан во сеќавање.
А, го запомнив затоа што во тој период бев во фаза на градење на самодоверба, а колку само се плашев од мојата збунетост и неискуство. Срам ме фаќа кога ќе помислам колку наивно и невино изгледав и колку не знаев како да се однесувам во присуство на припадник од машки пол. Си го поставував прашањето дали тој ќе знае како со мене…
После изминатата кафе-дружба тргнав да си одам. Само што излегов од кафулето тој тргнал по мене и само го слушнав зад мене како го изговара моето име.
Тогаш застанав, го запрев чекорот и се свртев. Се сепнав од неочекуваното изговарање на моето име и повторно не знаев што сега смислил и нормално не знаев ниту што да правам ниту што да очекувам.
Мислам дека тој го препозна мојот збунувачки поглед, па со двете раце ми ги допре образите и нешто промрмори. Се премисли во секунда, а помислив дека ќе ме бакне во моментот кога изусти нешто околу мојата насока на движење.
Беше тоа како филмска сцена што сме ја гледале многупати на филмско платно и сме навивале главните јунаци конечно да се бакнат. Ми остана должен. Не ни се допреа душите иако од авион се гледаше колку се привлекуваме.
Мојата неискусност и неговата горделивост никогаш не ни го дозволија тоа…
Тоа изгледа беше пресуден момент кој ги однесе работите во друга насока.
Понекогаш посакувам да беше поинаку. И би поинаку. Тој бакнуваше други, а јас си мечтаев дека некогаш ќе се сети повторно на мене. Си велам, да бев можеби малку похрабра можеби и ќе го направев чекорот кој до денес не ми е јасно зошто тој не го направи…
(Клара ѝ го раскажа сето ова на нејзината другарка од нејзината рубрика на приказни со наслов: „неостварени љубови“)

Н.Н

Пар

Напишете коментар