Опкружен од стегите на својот замислен, идеализиран свет, движејќи се надолу кон средиштето на бучавата, забележав светла сенка пред себе. Велам сенка, оти во илузии низ секојдневието во кое живуркав, ни во најдобар случај не можев да откријам дали е тоа божеството, кое што самиот си го создавав за себе, или пак само обична, далечна копија, која што без да разбере ми забоде отровен бодеж во сржта на размислата.
Беше веќе на педесетина метри пред мене. Се движеше бавно,
со чекор што ги враќа спомените. Не верувајќи ги затворив очите, а веднаш потоа
ги отворив. Се обидував што побезболно да откријам дали е стварност или
привидение? Нешто во мене безгрижно си тераше по свое и сурово си поигруваше со
моите размисли. Во еден миг беше Таа, а веднаш потоа некоја сосема друга,
далечна, поинаква. Во градите некој чуден, морничав звук надоаѓаше. На
почетокот беше мал, обичен рачен часовник, а потоа ја префрлаше звучноста и
тежината кон будилникот од мојата дневна соба. Во главата се појави зуењето на
пчелите, кои што ги препознавав во одамна избледените безгрижни прошетки низ
селските ливади. Полека почнав да ја чувствувам и несигурноста во чекорот. Како
некој да ме зафрлаше, ту налево, ту надесно. И бројноста на мравките во
потпетиците, нараснуваше. Почнав да се претворам во некој вид беспилотно
летало, кое носено од суровиот временски ветер, не знае до каде ќе оди и каде
ќе падне.
Божеството пред мене нараснуваше.
* Што, кога ќе стигнам до неа? – се прашував. Одпоодамна ми
беше одземено правото на блискост и
на разговор. Но, пузата во
мене беше сè
уште премногу голема, па беше доволно и најмало придвижување на воздухот, за да
ја снема пепелта, да се појави пламенот и да ми го опече секое делче од телото.
Во тие мигови, доколку некој мирно гледаше отстрана, ќе ја забележеше мојата
одеднаш појавена Паркинсонова болест. Никогаш не успеав да ѝ речам не, на љубовта, посебно не на тоа
мало божество, одамна пришиено и неизлечиво заведено како неотуѓив дел од
мојата внатрешност. Но, нејзините патеки биле други. Таа во мене гледаше само
познаник, кој што времето, лесно ќе ѝ го однесе во заборав. Иако беше секогаш отворена и искрена, со
најголема суровост ги отфрли моите љубовни изјави, бришејќи го секој заеднички
дел од минатото како и да не постоел. Но, јас бев тој кој што не можеше ништо
да избрише.
Во мојот тежок случај, не можеа веќе да помогнат ни големите психоаналитичари
Дејв Браун и Лујза Хеј. Под тежината на љубовта, некогаш сите лекари и
надрилекари можат само да креваат рамена.
“Некои луѓе си ја создаваат несреќата, токму поради својата тврдоглавост” – ќе рече нашиот Игор Исаковски, а потоа ќе продолжи дека секој треба да се држи до својот сон.. Овде, поразено заклучувам дека нејзиниот сон е некаде далеку, многу подалеку од благодетот на провинцијата. Како сурова вистина на претходното, Орфеј ќе рече: „ Да се љуби она што не може да биде твое е рана, што само крајот на животот може да ја залечи“.
Бев стигнал на чекор до неа, а сè уште ништо не открив.
Беспомошно лебдев, во обидот да се соземам. Сега косата ми изгледаше пократка
од нејзината, чекорот побавен и покрут.
Следниот миг како да беше токму Таа, без ни грам разлика од некогашната појава.
Но, јас повеќе не бев тој, кој што може да разликува.
Во главата ми отчукуваа тапаните на градскиот оркестар. Безмилосно.
Немилосрдно.
Во градите биеше камбаната од Стара Црква, што бие за Велигден.
По лицето и очите ме боцкаа мрави отровници. Не знаев во моментот дали ќе се
задржам на нозе или ќе паднам? Ако е Таа? Што да ѝ кажам? Да клекнам на колена
и да барам прошка за гревот што ја љубам? Да се извинам што не сум онаков,
каков што Таа посакувала? Да ја побарам другарката од минатото, или пак
горделиво и без поздрав да поминам?.
Веќе се наоѓав крај неа. Сетив како се обидувам главата да
ја држам напред. Една жилка на слепоочниците ми поигруваше. Тешките
растреперени нозе со голем напор ги одлепував од асфалтот.. Во слабините нешто
силно ме сечеше, разделуваше и распарчуваше.
Наместо автомобили, тенковска бучава ми ги уништуваше ушните тапанчиња.
Студена пот ми лазеше по вратот. Како цела вселена да ја носев на грб.
Но, сепак успеав. Поминав крај неа.
Мислев се уште гледам напред, кога главата, по само неколку
поминати чекори и без нималку разбирање за мојата лажна гордост, со леснотија
заврти надесно, а потоа погледот отиде назад. Како некој друг да управуваше со
мене. Во брзината на погледот, од мене до неа, во растојанието од неполни две
метра, помина цела вечност. И го видов лицето, очите и црните, тенки трепки,
над нив. Сакав уста да отворам, да прозборам. Сакав да испратам поздрав,
прашање, било што.
Но, запрев на половина збор.
Не беше Таа. Дури тогаш почнав свесно да откривам, дека девојката крај која што минав е многу поинаква од мојот „страв“. Лицето ѝ беше поиздолжено, косата многу пократка, а во очите го немаше сјајот во кој јас бев потонал одамна. Барем не, оној ист сјај. Забележав дека е повисока и нешто поширока во половината.
Полека ја свртив главата пред себе и правејќи се како ништода не се случило, продолжив напред. Почувствував како постепено ми се враќастабилноста во чекорот. Почнав да го препознавам и светот околу себе. Успеав дазастанам на раскрсница. Светеше црвено. Во градите, полека сèдоаѓаше на свое место. Ножот од слабините исчезна, се врати во своето лежиште .Само нозете и рацете се уште силно трепереа.
Мене ми остана само надежта, дека никогаш повторно нема даја сретнам или пак да верувам дека можеби и ќе успеам да се вратам вореалноста, до некоја случајна средба што ќе ни ја донесе времето. Дотогаш, уште многу сенки низ градот, незнаејќи ќе си поигруваат со мене.
Автор: Тони Павлески
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.