Skip to content

Два света – Снежана Паноска

Ние бевме од два различни света.
Во ист град растени, разделени со еден мост на една река, која овде течела многу години пред нашето раѓање.
Ќе тече и после многу години по нас и по нашите деца, па и по децата на нашите деца.
Мене наутро ме будеше музиката од мобилниот телефон , а ти се будеше од екот на утринската молитва, која одекнуваше од блиската џамија. Ги будеше верниците да побрзаат, да се помолат за убав и благословен ден.
Растевме во ист град, имавме исти или слични желби и очекувања, ама сепак нашите животи беа различни по многу нешта.
Јас се возев со велосипед, играв топка, игри во интернет кафулето на аголот од нашата улица. „Крадев“ зрели цреши од комшиската градина,зрели и толку црвени како крв,меки како твоите усни невкусени. Ме „караа“ за тие ситни „кражби“, не оти немавме да купиме, ама нели туѓото е секогаш послатко, а украденото уште повеќе. А ти, тебе те учеа да веднеш глава, да им се потчинуваш на волјата на постарите, на твоите браќа, па иако некои од нив беа и помали од тебе. Те „забрадија“ со шамија штом се задевојчи.
Нели кај вас такви се обичаите кога ќе станеш жена.
Те учеа да готвиш, да ги чуваш помалите деца. Но, ти учеше скришум од сите, ги „голташе“ книгите „жедна“ за знаење, за нови хоризонти, неоткриени светови.
Сонуваше за некои нови земји, долги патувања, „ронеше“солзи над убавите стихови, без да те види некој.
Та нели кај вас не се љуби, младите не се љубат, браковите се договараат помеѓу фамилиите.
А ние ?
Кога јас и ти станавме ние ?
Кога се сретнаа нашите срца ?
Кога се гушнаа нашите раце ?
Кога се споија двата брега ?
Кога нас нè спои лакот на виножитото ?
Јас и ти.
Тоа не можеше да се замисли во нити еден живот, а ние го имавме само еден, нашиот. Колку ли многу животи да имавме, тоа не можеше да биде, не можеше да се случи. Ние нацрпевме сила од изворот наречен љубов, младешка, разиграна, распеана.
Испеана во песните на многу поети, испеана во песните „ваши“ и „наши“, беше нацртана на нашите чела, огреана од виножитото во нашите очи. НО…. Кога престана да тече мојот крвавав нос, од тупаниците на твоите браќа, почнав да самувам. Ја собирав твојата пресечена, долга лелеава коса, расфрлана по тезгите и калдрмата на старата чаршија.
Ја мирисав, ја гушкав, го броев секое влакно и боледував, ме болеше секое камче од краткиот пат што го изодевме заедно.
Па тоа не беше пат, тоа беше едно кратко уличе, непоплочено, пусто, без почеток и крај.
Ноќи, многу ноќи преседував под крошната на вашата цреша,чии гранки допираа и се наведнуваа кон улицата покрај високата авлија на вашата куќа. Фрлав ситни камчиња кон твојот прозорец надевајќи се дека ќе ја видам макар твојта сенка.
Помини сенко – се молев. Се молев и на мојот и на вашиот бог.
Помини таго – довикував, барем сенката да ти ја видам, неа да ја допрам.
Ја прегрнував тагата наместо тебе, ја бакнував месечината наместо твоите усни, таа месечина издајничка на мојата сенка, која толку многу блескаше во тие мои бескрајни ноќи самување.
Нас нè раздели пак реката со двата брега. Нè раздели мостот, нè раздели животот. Тебе те одведоа во друга, убава земја, те омажија без да те прашаат. Косата пак ти пораснала, така ми рекоа.
Ама веќе не си носела шамија. Таму во тој далечен свет не се носеле шамии, така ми рекоа. Ама јас не знаев. Не те видов повеќе. Не те сретнав повеќе. Не те мириснав.
Не јадам повеќе ни цреши,бидејќи тие толку многу ме потсетуваат на твоите усни. А јас ? Јас сè уште сум од другата страна на реката, на другиот брег. Сè уште се будам со музиката на мобилниот телефон.
Ама веќе не „крадам“ цреши, не трчам по топката.
Работам, цртам градини полни со расцутени црешови дрвја.
Кинам црешови цветови и им ги раздавам на питачите на стариот камен мост. Тие се чудат, се насмевнуваат како да знаат дека сè уште ме болат тие белини. Ги прифаќаат, ги мирисаат и иако не се пари кои ги очекуваат, ми се заблагодаруваат како за најголем подарок.
Велат, со годините сè се заборава. Ама не било така.
Болката можеби ќе стивне, нема толку многу да боли ама ја сместуваш некаде. Во некое мало долапче, тука под пазувите, под срцето. Чиниш помалку ќе те боли ако не ја гледаш.
Ама понекогаш, понекогаш ,кога екот на вечерната молитва од минарето ќе допре до моите сетила низ градската врева на овој голем град, во тивките мајски предвечерија, твојот лик ми се „фрла“ во очите, ме боцка, ме боцка, ме боли, ме болат очите од неисплаканите солзи.
И болката се појавува ненадејно. Ќе ми ја стегне душата со еден мал милион прашања.
Што ли беше ? Што остана ? Спомен убав или тажалка ?
Или само жал за младоста помината,разделена со два брега на иста река,жал за љубовта што не бидна ,нашата. А, сепак ние бевме од два различни света. Разделени со една река, со еден мост на два брега. Блиски, а сепак толку далечни беа нашите животи.
Ама, мене сè уште ме боли. Љубовта боли, нанесува болка, остава лузни. И не го знаеш одговорот на тоа мало прашање.
До кога?

Автор: Снежана Паноска

Напишете коментар