Беше ден пред Новата Година, се правеа последните подготовки за пречекот а таа, годината само што не зачекорила облечена во раскош, искитена со желби за поубаво утре. Единствено во одделението на Онкологија се беше исто како и вчера и ден пред тоа. Некои од пациентите забрзано ги пакуваа торбиците со алишта спремајќи се да си одат дома во кругот на семејството, а малкумина како Спасе, изнемоштен од болеста и секојдневното зрачење реши да остани во болницата. Зарем на овај ден ќе бидете сам, го праша сестра Мери на која уште од првиот ден ѝ стана мил со својата блага насмевка и скромност. Не, не сум сам еве тука ќе биде ноќниот чувар Крсто така вчера ми рече, а ќе биде и Билјана хигиеничарката, вие драга Мери и кој треба уште, се пошегува тој, а Мери не знаејќи што треба да речи си замина одмавнувајќи со раката.
Снегот цел ден не престана да паѓа, сè беше бело, а и северко се засили со дувањето така што секој гледаше да биде под затворено.
Градот беше накитен како млада невеста, светеше секоја продавница и улиците беа искитени со разни светилки, убавина за очи и душа.
А, во болницата сè се одвиваше по вообичаениот редослед, утринска визита преглед на секој картон кој висеше на креветот, збор два со пациентите, некој совет сега за празниците за тие што ќе бидат дома и толку.
Ходниците сиви, празни, влеваа страв кај ретките посетители.
Почна да се замрачува, а во собата во која беше Спасе како да застана времето. Собата беше празна, делуваше застрашувачки голема.
Студи, не верувам дека ќе дојдат, си мислеше Спасе.
Со Милка вчера се договоривме да не доаѓа никој од нив овде
А, утре ако може таа, само ако ѝ дозволи времето зошто има снег, можи да заглави некаде и што сме направиле, ништо.
Откако му дијагностицираа карцином како ѓаволот да влезе во фамилијата носејќи му грижи, неизвесноста дали ќе се излекува Спасе ги јадеше сите.
Зимава болеста го зеде својот данок, се изгуби радоста што ја имаа дома, грижата за неговото здравје ги преокупира сите.
Децата по цели денови вртеа по интернетот да најдат спас за болеста, Милка секојдневно миксираше овошје по рецепт од доктор, со еден збор сите се ангажираа да помогнат кој колку може.
Од секогаш луѓето знаеја дека лошото иди брзо, ненајавено, но затоа тука е фамилијата, секој спремен да помогне колку може.
Додека беше дома околу него беа најмилите, а сега во болницата беше со болничкиот персонал. Сите вработени во оделениото на Онкологија беа љубезни луѓе, кои несебично им помагаа на пациентите незаборавајќи ја насмевката која беше бесплатна, а многу им значеше за болните. Понекогаш времето леташе, но вечерва како да застана времето за Спасе, беше сам во собата, а можеби и на целиот спрат од оделението како што му кажа сестра Мери.
Мора да издржам, си велеше во себеси, не сум способен да патувам, телото не може да издржи напор, ми треба сила да го поднесам зрачењето, ама ако, се ќе помине и повторно ќе сум со моите дома. Задлабочен во размислувањето се наведна над перницата и погледна надвор кон спротивната зграда во породилното оделение каде стоеше маж со голем букет во рацете. Еве, еве ја најубавата глетка овде во целета болница, само од онаа врата излегуваат луѓето насмеани и со дечиња, кои се смислата на живеењето. Со голема насмевка на лицето тој го благослови новореденчето зборувајќи гласно.
Нека му е живо и здраво и со родители да расте.
Додека Спасе гледаше од влезот излезе млада жена наметната со долго палто зошто многу дуваше ветар.
Кога таа излезе мажот ја гушна до себе потоа ја крена нагоре па ја спушти на земја и повторно ја гушна опсипувајќи ја со бакнежи и ѝ го даде големиот букет. Спасе како маѓепсан гледаше во двајцата млади кои радосно разменуваа нежности и за миг како да се виде во појавата на младиот татко, но некаде наназад дваесетина и повеќе години. И јас на Милка ѝ дадов голем букет од бели цветови и ја кренав исто како тој вечерва. Како да беше вчера кога таа ми роди син, а потоа ќерка. Години пусти години кога поминаа не сетивме. Солзи почнаа да му течат по лицето.
И тогаш вратата крцна се отвори, пред него стоеше Милка со децата. Зарем сонувам, си рече, ги затвори очите ги протри погледна не беше сон сега слушна и гласови, најмилите го поздравуваа.
Значи не сонувам, им рече и слезе од креветот. Не, не сонуваш му одговори Милка и му се фрли во прегратка долга топла како што беше и срцето на Спасе. Ме изненадивте, ме изненадивте мили мои, не требало да доаѓате гледате какво невреме е. Да невреме е но и Нова година е му рече ќерката Кате и му се фрли во прегратка плачејќи. Ќерко зошто солзи, зошто да не жалиш што не си во Прилеп, а кажи? Тато како можеш така да помислиш му рече таа и го пушти зошто Петар чекаше да го гушне. Вие ќе ме разгалите вечерва, му рече, го гушна Петар а потоа сите беа во една топла прегратка. Ова се вика фамилија, да оставиш сè и на невреме да си во болница за на еден болен старец да му го разубавиш животот низ смеа, зборуваше тој. Откако сите се изгушкаа Спасе го замоли синот да го викне чуварот Крсто. Оди сине викни го имам нешто да му кажам, на што Петар веднаш излезе. Додека Милка ги распакуваше торбите влезе Крсто прашувајќи што му треба. Вечерва ништо не ми треба низ смеа рече Спасе, но ќе те замолам да ги викнеш сите пациенти кои останале во болницата да дојдат во двојката заедно да ја прославиме Новата година, а поканет си и ти и Билјана како и сестра Мери.
Крсто се изненади од барањето на Спасе, но му вети дека ќе ги покани сите пациенти како што сакаше Спасе. Не помина ни половина час во собата имаше пет до шест пациенти кои немајќи сила, или пари останале во болницата во онколошкото оделение. Сите беа радосни што Новата година ќе ја поминат во друштво со Спасе кој со својата добрина не дозволи тие да бидат осамени и несреќни. Тој ја отвори вратата, но и срцето за сите луѓе кои од разни причини не беа дома помеѓу своите. Тие болните заедно со фамилијата од Спасе ја славеа Новата Година за миг заборавајќи на болеста. Ова се вика љубов, ова е за неверување, радосно зборуваа се едно исто болните. Вечерва кога луѓето од сите страни на земјината топка славеа со нив славеа и се радуваа и пациентите од Онкологија неразликувајќи се во ништо. Од секогаш за обичните луѓе беа доволни мали нешта за тие да бидат среќни, а за овие болни луѓе требаше уште помалку. Сите тие вечерва беа среќни што не беа сами за почетокот на Новата Година во која си посакаа само многу здравје, а се друго самото ќе дојде знаеја тие.
Автор: Божана Тренческа
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.