Кај нас велат, Бог да те чува од богат и глупав човек. Таквите не си ја знаат длабочината на џебот и празнотијта на умот, па цел живот удираат како мотика на троскот. Затоа, да ги одминеш таквите е најдобро, а мирот ќе ти остане во душата. Ама, ако наидеш на богат и паметен, купувај од него, сè што можеш да купиш, оти не знаеш што во кое време ќе ти затреба.
После долго мачење на постела, стариот Симон Рагин, го издиша последниот здив. Имаше околу седумдесет и шест-седум години, можеби и не беше толку стар, но човекот беше изнаработен многу. Во животот стекна големо богатство, ама дури да го стокми проплука многу крв. Почна како чирак кај еден градски чевлар, па така, го изучи занаетот и продолжи вредно да работи, собираше зрно по зрно, како мравките. Не се уморуваше од работа, полека, си го работеше своето, без многу врева, а и беше благословен, умен и разбран човек беше. Полека, полека, со труд успеа многу, беше најпознатиот чевлар во градот. Успеа да отвори повеќе дуќани за чевли низ градот, вработи луѓе, исто, што си ја работеа вредно работата.
Симон Рагин порасна во сиропиталиште, а ако потеклото ти е од таму, тогаш животот те фрлил веднаш по раѓањето на првата борбена линија или по наше на буниште. Тој немаше луксузен избор, можеше или да се бори како лав или да загине при првата борба со хиените, но тој не попушти. Се соочи најпрво со себе дека тој не е виновен за тоа што е, но ќе биде, ако остане таков и во иднина, затоа главата ја исправи гордо, умот почна да го челичи и ги засука ракавите. Немаше избор, мораше самиот да научи како да стане човек. И постана тоа. Израсна во убав младич, и остаре како мудрец.
Тука приказната би запрела. Делата зборуваат за човекот. Луѓето кои го познаваа Рагин, и ден денес се потсетуваат на него со посебна почит.
Неговата смрт не беше тешко прифатена само од градот, тука беше неговото семејство, старата госпоѓа, Магда Рагин, неговиот син Виктор и ќерка му Весна. Градските гласила и гласини на големо расправаа како остатокот од семејството ќе пропадне славно. Тоа посебно важеше за неговите деца. Кутрите тие, беа целосно спротивна слика на татко им. Рагиновите деца беа единствениот и најголем неуспех од неговата работа. Ниту едниот од нив не успеа да го ,,изделка“ во вистински човек, а рака на срце се обидуваше, но тука беше и мајка им, Магда. Убава жена, но многу лоша и неразбрана. Тврдоглава ко маска, ако наумеше некоја работа да ја заврши и така ќе биде, не знаеше ни за добро ни за лошо. Само своето си го тераше. Ама како велат, кој со ѓаволот тикви сади, од глава му се удираат. Смртта на Симон надалеку се слушна, како и пропаѓањето на младите Рагиновци.
– ,, Сега ќе се види кој носел пари во таа куќа, а кој продавал памет…“ – говореше еден од вработените на Рагин. Друг па додаде: – ,, лесно е да се зборува напамет, дури сега ќе се изедат меѓу себе и од алчност и од будалштини, не им е дадено да работаат, туку, само да зборуваат.“
Јулскиот жежок воздух беше натежнал толку многу што одвај се дишеше. Горештината ги замајуваше луѓето, градскиот асфалт гореше, а и канализациските мрежи издаваа. А како капак на сè, градската водоводна мрежа пукна, и веќе стануваше неиздржливо. Се’ повеќе и повеќе градот оддаваше мирис на урина. Во вакво време, дождот требаше да се смета за благослов, ама ништо од тоа.
На градските гробишта, гробарите, малку замаени од горештината, малку од ладното пиво одвај го ископаа гробот. Работеа двајца по двајца. Кога едните работеа, другите седеа под ладовината од големата дабова сенка, така се менуваа дури не го ископаа убаво гробното место. Меѓу нив имаше и еден младич, студент, кој мораше да работи нешто за да си го обезбеди школувањето, низ работата, тој му се обрати на другиот: – ,,Конечно, на оваа парцела луѓето не можат да си завидуваат меѓусебно, тука добиваат сите еднакво, два метра удолу, два метра угоре и бескраен мир.“ Повозрасниот го погледна, иако се намачи да остане сериозен, сепак, се насмевна кисело. – ,,Овде сè е натокмено.“
Погребот беше закажан за во тринаесет часот. Под сенка некако се преживуваше одвај, ама пак на отворено, горештината убиваше. Од некоја страна се наездија инсекти што штипеа по кожата и оставаа црвени дамки. Жените постојано се жалеа на горештината, а мажите полека, полека се замајуваа од студената ракија и воопшто не им забележуваа на поплаките.
Од големиот човек Симон Рагин остана само споменот. Земјата и нему ќе му ги изеде коските. Гробарите полека го спуштија дрвениот ковчег во дупката, а луѓето беа нетрпеливи да си заминат, сонцето им ги гореше главите, а инсектите со апетит ги штипеа. Река луѓе се упати кон црковната сала каде што требаше да се послужи ручекот за покој на душата на мртовецот.
Рагиновци одеа последни во врвицата, се држеа еден до друг, тоа беше неверојатна ко бајаги блискост. Нивната жалост повеќе беше накитена, отколку вистинска. Конечно се ослободија од човекот кој животот им го правеше поднослив, сега можеа слободно да се испоколат меѓу себе. Повеќе никому не му беше грижа што ќе биде со нив, односно било кој да е, би се радувал на нивната пропаст. Во главите им се создаваше фурија од решенија како да се ослободат еден од друг, а што помалку да изгледаат виновни. Нивната лудост и безумие би можел да ја разбере само мудар човек. Имаа доволно голема причина за да се изедат меѓу себе и потоа да се исплукаат. Тоа беа мајка, син, ќерка, создадени од ист генетски материјал, што, за жал не може ништо добро да му донесе на светот, освен поука што не е љубовта.
Симон живееше и работеше за своето семејство, ама колку и да бил човекот берокуќен, среќата за топол и исполнет дом не му беше наклонета. Жена му беше со лош нарав, со ништо и од никого не беше задоволна, постојано нешто му забележуваше, па така овој последните години од својот живот научи како воопшто да не ја слуша и гледа, а да остане во мир со неа. Ќерка му беше жртва на неговата жена, уште ко се роди Весна беше болежлива и не толку умна, па госпоѓата мајка наместо да бара некое чаре ко секоја вообичаено пожртвувана мајка за своето дете, таа постојано ја обвинуваше својата ќерка како ѝ го уништила животот. Виктор имаше репутација на богат и убав младич кој е наклонет кон чашката и кон жените за една ноќ, а неговото расипништво започна откако Магда Рагин му се замеша во љубовната врска со Лејла, девојка од друга националност, со подруги верски размислувања. Лејла си замина засекогаш од животот на Виктор, а овој остана под ист покрив со Магда Рагин, па така почна да пие за да може да ја поднесува, иако Симон неколкупати му велеше да си замине и да почне некоја работи сам, тој одбиваше убеден дека Лејла гледајќи ја неговата мајка увидела дека и тој е лош човек.
„Секој си има свој животен пат.“- велеше Симон, кога блиските луѓе ќе му зборуваа, односно кога ќе го укоруваа за семејството. –„Мене никој не ме научи како да го разликувам доброто од лошото, морав сè сам.“- воздивнуваше тешко и болно, очигледно и него веќе му се збоктисало.
Црковната сала беше полна со луѓе кои јадеа и пиеја за покој на душата на Симон Рагин, тука беа неговите блиски и далечни роднини, неговото семејство. Ко влегоа во салата донесоа траурна атмосфера, за како што изминуваше времето се разлеа џагор и почна заборавот на човекот и неговите дела, пијалокот што се точеше во меѓувреме беше доволно ладен и силен да го стори тоа.
Денот полека почна да заспива. Луѓето се отидоа по своите домови, си отидоа и Рагиновци, животот и понатаму продолжи да си тече по својот тек. Само едно остана после тоа зајдисонце, луѓето умираат, но некои со своето заминување ослободуваат простор, а некои оставаат празен простор. Градскиот часовник означи точно полноќ.
Автор: Биљана Димко
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.