Добар ден Свету, убав ден!
Те сакам, многу Те сакам !
Патував по тебе, како бело облаче по синиот небосвод. На мои пет години заглавив во квадрат.
Возрасните најчесто заглавуваат во триаголник. Но, јас сум заглавен во еден од аглите на четириаголникот.
Во другите агли заглавени се мајка ми, татко ми и очувот. Имам сестра по мајка , браќа и сестри по татко. Мајка ми со очувот живеат во Шведска. Татко ми во Албанија, Србија и Франција.
Јас живеам во Македонија, во градот на конзулите, кај дедо ми по мајка, тој е мој старател. А, сум престојувал во Шведска, Албанија, Србија, Франција. Кажете, нели сум дете на Светов.
Ете затоа во очиве го носам светот, а во моево мало срце распарчена љубов, завиена во плашт на тага.
Стојам пред огледало во претсобјето кај дедо ми.
Го гледам одразот на моево лице и моево телце со сета моја големина.
Да Ви се претставам. Јас се викам Леон. Имам шест години.
Со среден сум раст. Косата ми е светла со боја на лешник. Имам модерна фризура со патец оформен со ножица. Овалот ми го красат правилни веѓи, очи со боја на костен, правилен нос, бисерна ниска млечни запчиња.
Насмевка треба некој да ми измами. Велат дека сум сериозен, замислен и меланхоличен. Јас мислам дека се во право.
Жената на моево детство е баба ми по мајка. Таа е во шеста деценија.
Има црна коса и темно костенливи очи.Работи во фабрика. И покрај сите обврски таа се грижи за мене, да бидам нахранет, избањат.
Ми дозволува да играм со децата од соседството. Таа е супер бабичка. Вози и кола .Често пати ќе се извозиме, па ќе се искачиме на Тумбе Кафе, над Битола. Нашиот поглед прска над панорамската слика на Битола. Со прст ми ги покажува населбите.
Јас многу сакам животни и птици. Сакам да одам во зоолошка градина. Баба ми, ми ја исполнува желбата?
Со сочувство ги набљудувам животните во кафезите. Задоволството да бидам покрај нив, се топи во тага. Та и тие се одделени од родителите, од семејствата. И тие се заробени во кафези.
Се поистоветувам со нив и превез на тага ми го помрачува лицево.
И јас сум заробен во четириаголен кафез.
Кој е виновникот, мајка ми или татко ми? Тие, само тие ја знаат вистината. Јас сакам да излезам од сопствениот кафез.
Сакам да раснам крај мајка ми и татко ми.
Сакам дедо ми да се ослободи од моето старателство. Доаѓа Нова Година Божиќ, доаѓа Дедо Мраз. А, јас имам само една желба.
Да живееме заедно мама ,тато и јас.
Господи, паѓам на колена и те молам исполнија мојава желба.
Те молам, зошто јас секој ден се ронам како солза, се топам како свеќа.
Моево малечко срце ќе Ти биде благодарно, а јас Твој верник.
Автор: Блага Тутеска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.