Денот започна како и секој обичен ден, моите родители одат на пазарење, а јас со братучедите седам дома и гледаме телевизија. Повеќе гледавме во телефоните, игравме игри и праќавме пораки, отколку што му обрнувавме внимание на филмот. Но, колку да има што да брчи. Наеднаш некоја друга врева ме сепна. Само што ја кренав главата, местото беше опколено од млади натрапници. Тие беа тинејџери во патики, фармерки, блузи со долги и кратки ракави. Не се трудеа да си го сокријат лицето. Нѐ собраа сите на каучот во дневната, само зјапавме во телевизорот. Со страв. Ги имавме нашите телефони во нас и можеби можевме да повикаме помош, меѓутоа тие беа многу претпазливи какви пораки праќаме. Стоеја зад нас и ни дишеа во врат. Ги гледав како прават влези-излези, бев во исчекување. Кога најпосле си заминаа, ние сѐ уште седевме вкочанети на каучот.
Го слушнав автомобилот и знаев дека моите пристигнале. Истрчав надвор и ги прегрнав. Тие збунето ме гледаа додека јас неповрзано раскажував што се случи. Цела куќа ја проверивме и сѐ беше на своето место. Апсолутно ништо не беше допрено. Но кога братучедите рекоа дека само сме гледале филм, веќе навистина бев во шок. Се прашував што по ѓаволите се случи овде.
* Имам доказ – им велам.
Видов како со лист хартија го обележале нашиот дом. А, тој лист се наоѓаше на покривот. Мислам дека бевме петти по ред. Татко ми се качи на покривот и донесе лист за кој тврдеше дека се лично мои чкртаници. Не си верував на очите. Цртежот беше вистински одраз на мене, а можев да се заколнам дека го видов бројот 5. Не знаеја како да си ја објаснат мојата ситуација, не знаев ни јас, па само рекоа дека тоа е соживување со филмот.
Неколку дена подоцна, нешто слично се случи во домот на наши блиски пријатели. Нивното дете беше испаничено, никој не знаеше зошто. Бевме да ги посетиме воедно да ја разрешиме мистеријата. Како за инает, ни таму немаше никаква трага. Освен листот хартија, кој повторно го здогледав јас на покривот од нивната куќа. Му шепнав на татко ми, а тој ме послуша само затоа што сакаше да ми удоволи. Се качи на покривот, го зеде листот и тоа беше ништо повеќе од обичен лист боенка. Детето си го зеде листот и си ги побара боичките. Возрасните почнаа со разговор, а јас бев во уште поголем шок.
Наредниот ден кога се разбудив, плачев во скутот на мајка ми. Гледав нешта кои едноставно не беа тука. И реков дека не разликувам реалност од фантазија, дека тоа ме плаши. Што не е во ред со мене?! Мајка ми ме галеше по косата и ме смируваше. Јас веќе насекаде можев да ги видам лицата на тинејџерите, каде и да одевме, со кого и да бевме. Одам во тоалет, погледнувам во огледалото и ете го – еден од нив седи врз корпата за валкана облека. Се вртам кон него, го нема. Погледнувам пак во огледалото, тој ми се смее. Повторно се вртам, нема ништо. Никогаш не ги слушнав нешто да зборуваат, само ги гледав како се движат низ луѓето.
Моите родители правеа забава дома. Имав многу роднини и пријатели за пречекување. Со сите да се поздравам, на сите да им посакам добре дојде. После многу пиво и ракија, на семејната трпеза картите се отворија. Сите почнаа да зборуваат за неколкуте несреќни случаи во нашето маало. Неколку млади лица починале под чудни околности, кои можеа единствено да се наречат несреќен случај. Се тврди дека сите непосредно пред смртта добивале напади на лудило, биле расеани, збунети. И сите тие имале нешто заедничко во однос на нивната крв. Некоја допирна точка. Избезумено ја повлеков мајка ми па и повторив се што слушнав, нагласувајќи дека истото се случува и со мене. Не сакам да умрам! Одбиваше да ми верува, но се согласи дека нешто е сомнително. Особено откако ги слушна нашите гости. Мојата мајка беше само обична жена и не знаеше како да се избори со натрапниците кои единствено јас ги гледав. Но, можеше барем душевно да ме смири.
* Каде се сега?- ме праша
* Има едно малечко девојче во нашиот двор, седи и си игра. Ќе го земат.
Во истиот момент почнаа стакла да се кршат на улица. Знаев дека девојчето има болест на крвта, затоа не можат да го земат како што правеле со другиле, им беше потребен ритуал. Се качив на терасата за подобар поглед. Почнаа да пукаат светилките во дворот, гостите се вознемирија. Мајка ми трчаше низ дворот, го бараше малото девојче. Тогаш за првпат ги видов тинејџерите околу девојчето со отворени усти како да сакаа да изречат нешто. Во истиот момент мајка ми го грабна девојчето и го однесе во рацете на мајка му. Конечно, рацете престанаа да ми се тресат.
Се допрев на косата, жива вода! Заминав во тоалетот. Се погледнувам во огледало, косата ми е подолга од обично. Ставив малку од пената за коса и почнав да се фенирам. Но проклетата пена не сакаше да запре со течење. Косата ми стана барут сува, но и фенот не сакаше да се исклучи. Го оставив и стрчав на кај вратата. Не се отклучуваше. Го отворив прозорецот и викав:
* Мамо! Мамооо!!! Тогаш нешто ме допре на раката. Инстинктивно се тргнав од прозорецот. Вдишав длабоко и се наведнав. Ги видов нив, четворицата тинејџери во истата облека застанати во позиција на низок старт на ѕидот од мојата куќа, под прозорецот од тоалетот. Во тој момент, знаев дека никој не ме слушна како викам.
Автор: 93
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.